Со АМЧАМ на тема …Технолошката експанзија неминовно ја потенцира потребата од заштита на интелектуалната сопственост

Интервју на Ана Пепељугоска, Партнер, Адвокатско друштво Пепељугоски
Претседател на работната група за права од интелектуална сопственост, АмЧам

Имајќи го предвид фактот дека во денешно време, со брзиот  развој на интернетот и вештачката интелигенција, можноста за злоупотреба на правата од интелектуална сопственост се поголеми и таквиот процес е поедноставен, потребни се континуирани обуки, активности и кампањи за подигнување на свеста кај потрошувачите и бизнисите за заштитата на интелектуалната сопственост, но и за вредноста на интелектуалната сопственост.

Интелектуалната сопственост е динамична материја, која постојано се соочува со предизвиците на модерното време. Па така, секоја нова технологија, вклучително и интернетот, содржините креирани од страна на корисниците, стриминг платформите, апликациите, платформите за онлајн продажба, вештачката интелигенција  се посебен предизвик за правата од интелектуална сопственост. Сите овие и многу други иновации, значително влијаат на нашите секојдневни активности и во голема мера го олеснуваат речиси секој аспект од нашето живеење. Покрај тоа, новите технологии значително го забрзуваат и процесот на доаѓање до нови откритија.

Со други зборови, технолошкиот развој генерира голема вредност за поединците, државите и економијата, генерално, и затоа, неопходно е да се креира и спроведуваа соодветна правна рамка која ќе одговори на актуелните предизвици. Исто така, потребно е паралелно да се работи и на подигнување на свеста за вредноста на интелектуалната сопственост  за сите засегнати страни.

Интелектуалната сопственост се однесува на креациите на човековиот ум, и, како таква, се дели на две поголеми групи и тоа индустриската сопственост (патенти, трговски марки, дизајни, географски ознаки и ознаки на потекло) и авторско право и сродни права.

“Кај компаниите што стојат зад најпознатите брендови, значајно е
да се забележи дека помеѓу 70% и 80% од нивниот капитал отпаѓа на
т.н. нематеријални средства, каде се вклучени правата од интелектуална
сопственост.” Фото: Intrbrand

Индивидуите се автори, креатори, пронаоѓачи, создавачи и творци на делата кои уживаат заштита со правата од интелектуална сопственост па не случајно значењето на индивидуалниот труд и творештвото, како и правната заштита на сопственоста, се уставно гарантирани во речиси сите држави во светот. Од поединците се очекува дека на истиот начин како што си го вреднуваат сопствениот труд, така треба да го почитуваат, вреднуваат и заштитуваат и трудот на другите, со цел да се обезбеди заштита на интелектуалната сопственост.

Треба да бидеме свесни дека не постои разлика од тоа некој да ви го украде автомобилот и да ви го украде пронајдокот на кој сте работеле 10 години. Доколку сте следниот Тесла, вашиот пронајдок од областа на дигиталната технологија ќе има поголема вредност од автомобилот. Но, не треба да заборавиме дека дигиталното пиратство е уште еден лукративен пазар за оние кои ги повредуваат правата на интелектуална сопственост, специјално во случаите на IPTV – содржината на ТВ каналите преку интернет. Имено, провајдерите на илегалните IPTV остваруваат 1 милијарда евра секоја година во ЕУ, оштетувајќи ги креаторите на содржината што се емитува и легитимните бизниси. Ова е голем проблем и во светски рамки и во Северна Македонија.

Нематеријалната вредност на глобалните брендови

Денес, компаниите кои стојат зад најпознатите брендовите поставуваат глобални трендови и ја градат културата во најширока смисла на зборот. Според Светската организација за интелектуална сопственост, вредноста на најголемите 5.000 светски брендови се зголемила од 11 трилиони американски долари во 2020 година на над 12 трилиони американски долари во 2022 година, односно за 14 проценти. Континуираниот раст на вредноста на брендовите е потврден и во студијата на Интербрендс, која 35 години ги рангира најголемите 100 брендови во светот, според која, за изминатата година, на врвот на списокот на највлијателни брендови се наоѓаат: Apple, Microsoft, Amazon, Google, Samsung, Toyota, Mercedes-Benz, Coca-Cola, Nike и BMW.

Во оваа насока, треба да укажеме дека брендот е концепт што е поширок од трговска марка и го вклучува целокупниот имиџ на одредена компанија. Кај компаниите што стојат зад најпознатите брендови, значајно е да се забележи дека помеѓу 70% и 80% од нивниот капитал отпаѓа на т.н. нематеријални средства, каде се вклучени правата од интелектуална сопственост. Ова од причина што интелектуалната сопственост е извор на приход на овие компании, но и основ за поголеми трансакции поврзани со спојување и преземање кои истите ги прават.

Според еден извештај на Европската канцеларија за патенти и  Европскиот завод за интелектуална сопственост од 2017 до 2019 година, индустриите базирани на интелектуална сопственост биле одговорни за 29,7% од сите работни места во ЕУ, вработувајќи над 61 милион луѓе. Дополнително, овие индустрии индиректно создале уште 20 милиони работни места преку нивните синџири на снабдување, што вкупно претставува 39,4% од сите работни места во ЕУ. Економски, овие индустрии генерирале повеќе од 47% од бруто домашниот производ на ЕУ, во износ од 6,4 трилиони евра, и значително придонеле за меѓународната трговија на ЕУ, постигнувајќи трговски суфицит од 224 милијарди евра.

“Една студија на Меѓународната организација за трговски
марки (INTA) од 2019 година спроведена на широк круг
испитаници, од кои најголем дел биле припадници на
генерацијата Z (Зет) укажува дека 38% од испитаниците
не се сигурни дека продавањето и купувањето на
фалсификувани производи би требало да биде забрането, а
25% сметаат дека треба да биде дозволено… Ова повлекува потреба од подигнување на
свеста за постоењето и потребата од заштита на правата од
интелектуална сопственост во нашиот секојдневен живот и дневни
активности.” Фото: Pexels

Во отсуство на понова статистика, за Република Северна Македонија учеството на вредноста која ја генерираат компаниите кои се базирани на интелектуална сопственост во однос на вкупниот бруто домашен производ за 2016 година била 36%, што воопшто не е за потценување и укажува на постоењето на свест кај домашните компании за значењето на интелектуалната сопственост.

Перцепцијата на граѓаните за интелектуалната сопственост

Од аспект пак на обичните граѓани, значењето на интелектуалната сопственост, иако можеби на прв поглед невидливо, е многукратно. Достапноста до различни видови на производи од различни производители, производи кои се испитани, сигурни, безбедни за употреба е привилегија која за жал ние како поединци не ја перципираме.

Една студија на Меѓународната организација за трговски марки (INTA) од 2019 година спроведена на широк круг испитаници, од кои најголем дел биле припадници на генерацијата Z (Зет)  укажува дека 38% од испитаниците не се сигурни дека продавањето и купувањето на фалсификувани производи би требало да биде забрането, а 25% сметаат дека треба да биде дозволено. Испитаниците имаат став  дека фалсификуваните производи имаат одредени функционални придобивки, односно се поевтини и подостапни од оригиналните производи, па оттука голем дел од Генерацијата Z „со поголемо задоволство ќе заштеди купувајќи  поевтин производ, иако истиот може да биде фалсификат“. Ова од причина што, според нив, познатите брендови треба да бидат достапни на пошироката јавност. 

Тука, би укажале дека продажбата на фалсификувани производи често се поврзува со сериозни криминални организации и нелегални активности на светско ниво. Па така, треба да се има предвид дека купувањето и на најбезначајниот фалсификуван производ,  може да доведе до финансирање на терористички организации и останати нелегални активности. Уште позначајно е дека консумацијата на фалсификуван лек или употреба на фалсификувани производи од областа на техниката, додатоци во исхраната, козметика и сл. може да чини човечки живот. Заедничката студија на Европскиот завод за интелектуална сопственост и OECD покажува дека фалсификувањето претставува 6,8% од увозот на ЕУ или 121 милијарди евра и има влијание  во речиси секој сектор (козметика, играчки, вино и пијалаци, електроника, облека, па дури и пестициди).

Едукативни кампањи за подигнување на свесноста

Влијанието на интелектуалната сопственост е значајно не само за бизнисите, туку и за секој граѓанин поединечно. Ова  повлекува потреба од подигнување на свеста за постоењето и потребата од заштита на правата од интелектуална сопственост во нашиот секојдневен живот и дневни активности.

Имајќи го предвид фактот дека во денешно време, со брзиот  развој на интернетот и вештачката интелигенција, можноста за злоупотреба на правата од интелектуална сопственост се поголеми и таквиот процес е поедноставен, потребни се континуирани обуки, активности и кампањи за подигнување на свеста кај потрошувачите и бизнисите за заштитата на интелектуалната сопственост, но и за вредноста на интелектуалната сопственост. Во Европа од неодамна е лансирана кампања за ризиците и штетните последици од повредите на интелектуалната сопственост од која се очекува да ја подигне свеста за важноста на оваа тема, но ваквиот вид на кампањи се присутни во континуитет на европската и светската сцена. Да се надеваме дека и нашата држава ќе го следи примерот на европските држави.

Извор: Капитал

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *