Дали рокот од 30 дена за поднесување на барање за поведување на прекршочна постапка, согласно член 83 став 4 од Законот за прекршоците („Службен весник на РСМ“ бр.96 од 17.05.2019 година), е преклузивен рок – Начелно правно мислење на Врховниот суд на Република Северна Македонија

Врховниот суд на Република Северна Македонија на Општата седница одржана на ден 24.11.2023 година, донесе начелно мислење во врска со рокот од 30 дена за поднесување на барање за поведување на прекршочната постапка, по однос на кој рок не постоеше воедначена судска пракса за прашањето дали истиот треба да се смета за преклузивен.

Членот 58 од Законот за прекршоците кој се однесува на поведување на прекршочната постапка, во ставот 1 од овој член предвидува дека прекршочниот орган поведува прекршочна постапка по службена должност или по барање од овластено службено лице во органите од членот 83 став (2) од овој закон.

Понатаму, во ставот 2 од овој член се предвидува дека овластеното службено лице е должно во најкус можен рок, но не подолг од 30 дена од денот по констатирањето на прекршокот или по поднесена пријава за сторен прекршок, да поднесе барање за поведување на прекршочна постапка секогаш кога постои законски основ за тоа, кога е утврдено со технички средства или по пријава на оштетениот.

Дополнително, во членот 83 став 4 од Законот за прекршоците регулирано е дека овластените органи од ставот (2) на овој член се должни во рок од 30 дена од денот по констатирањето на прекршокот или по поднесена пријава од страна на оштетениот за сторен прекршок да поднесат барање за поведување на прекршочна постапка секогаш кога постои основано сомневање дека е сторен прекршок.

Имено, согласно начелното правно мислење на Врховниот суд, овој рок е инструктивен рок и како последица не може да има отфрлање на барањето кое е поднесено по истекот на тој рок, повикувајќи се на законската одредба од член 87 став 2 точка 5 од Законот за прекршоците.

Членот 87 од Законот за прекршоците кој се однесува на отфрлање на барањето за поведување на прекршочна постапка, во ставот 2 предвидува кога не постојат услови за поведување на прекршочна постапка, односно утврдува во кои  случаи барањето за поведување прекршочна постапка ќе биде отфрлено со решение.

Во оваа насока, во членот 87 од Законот за прекршоците не е изречно предвидено дека истекот на рокот од 30 дена за поднесување на барањето за поведување на прекршочна постапка е причина за отфрлање на истото, поради што во досегашната судска пракса истекот на рокот од 30 дена се подведуваше под став 2 точка 5 од истиот член: постојат други законски причини поради кои прекршочната постапка не може да се поведе.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *