Што значи конкурентската клаузула во Договорот за вработување?

Договорната забрана за конкурентско дејствување или во праксата позната како конкурентска клаузула, во праксата станува се почесто составен дел од Договорот за вработување на се голем број на вработени. Овој институт претставува еден вид на механизам и средство за заштита на интересите од нејолана конкуренција. Меѓутоа, истиот истовремено треба да ги штити и правата и интересите на работникот и не може и не треба да се користи како механизам и средство за заплашување или принуда кон вработените во контекст на остварувањето на нивните права од работен однос. 

Конкурентската клаузула односно договорната забрана на конкурентско дејствување е уредна во член 37 и член 38 од Законот за работните односи, но треба да напоменеме дека институтот на конкурентска клаузула постои како институт и во Законот за трговските друштва.

Имено, ако работникот при своето работење или во врска со работата се здобива со технички, производни или деловни знаења и деловни врски, може во Договорот за вработување, работодавачот и работникот да договорат забрана за вршење на конкурентско дејствување по престанокот на работниот однос (т.н. конкурентска клаузула).

Целта на конкурентската клаузула е стекнатите нови технички, производни или деловни знаења и деловни врски кои ги стекнал работникот кај работодавачот, да не ги користи и да ги злоупотребува нанесувајќи му директна или индиректна конкуренција и штета на работодавачот кај кого работникот бил претходно вработен.

Она што е важно за конкурентската клаузула за разлика од конкурентската забрана, е дека истата има правни последици за работникот по престанокот на работниот однос.

Конкурентската клаузула може да се договори најдолго за период од две години по престанувањето на Договорот за вработување и тоа само во случаите кога на работникот му престанува Договорот за вработување по негова волја или вина.

Но, конкурентската клаузула во никој случај не смее да ја исклучи можноста за вработување на работникот, бидејќи правото на работа и слободниот избор на вработување е уставно загарантирано право на работникот и истото не смее и не може да се ограничува со договорот за вработување воопшто и преку внесување на конкурентската клаузула во истиот.

Ако почитувањето на конкурентската клаузула му оневозможи соодветна заработка на работникот, работодавачот е должен за сето време на почитувањето на забраната да му исплатува паричен надоместок на работникот.

Исплатата на овој вид надоместок во определениот период по престанокот на работниот однос, е со цел од една страна да се обезбеди лојалност на работникот кон работодавачот и во тој период да му ја оневозможи лојалната конкуренција на штета на работодавачот, а од друга страна во тој период на работникот да му се обезбеди соодветен паричен надоместок поради оневозможување заработка на работникот поради обезбедување на неговата економска и социјална сигурност во тој период.

Паричниот надоместок за почитување на конкурентската клаузула мора да се определи со Договорот за вработување и месечно може да изнесува најмалку половина од просечната плата на работникот во последините три месеци пред престанувањето на Договорот за вработување. 

Бидејки конкурентската клаузула е еден вид на договорна обврска, работодавачот и работникот можат да се договорат и за престанување на важноста на конкурентската клаузула.

Во случај работникот го откаже Договорот за вработување бидејки работодавачот ги крши одредбите од Договорот за вработување, конкурентската клаузула престанува да важи, ако работникот во рок од еден месец од денот на престанувањето на Договорот за вработување, на работодавачот му даде писмена изјава дека не го обврзува Договорот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *