Ана Пепељугоска: Вештачката интелигенција поставува и ќе поставува предизвици пред правните рамки за заштита на интелектуалната сопственост

Ана Пепељугоска е меѓу пионерите во областа на меѓународната трговска арбитража, ставена е на листите на арбитри при ПИСА во рамки на Стопанската комора на Северна Македонија, но и на листите на реномираните меѓународни арбитражни институции VIAC, SCIA, ECDR, а секојдневно е активна во доменот на заштита на интелектуална сопственост и правото на конкуренција. Една е од ретките која самостојно, без помош на странска адвокатска фирма, застапувала пред Меѓународната арбитража во Виена.

Всушност, Виена е местото каде што и почна нејзината кариера на полето на арбитражата, освојувајќи Honorable Mention во рамките на наградата за Best Oralist на Willem C. Vis International Moot Court Competition.

Со неа разговараме за предизвиците и можностите за иновации што ги отвора вештачката интелигенција (ВИ).

2023 година ја обележа брзиот развој на вештачката интелигенција (ВИ). Од перспектива на правата на интелектуална сопственост, какви предизвици и можности предвидувате поврзани со ВИ и обезбедување фер-рамнотежа помеѓу поттикнување иновации и заштита на интелектуалната сопственост?

АП: Според мене најголемиот предизвик и сопирачка за употребата на ВИ во постечките правни рамки при создавање на дела кои можат да бидат заштитени со интелектуалната сопственост е прашањето за сопственоста на создадените дела и одговорноста од повреда на правата.

Злоупотребата на ВИ во создавањето на иновации кои не се очигледни, а истовремено се комплексни за разбирање за општеството е уште еден, не само правен туку и етички предизвик.

Содржините генерирани од ВИ стануваат сѐ поприсутни, со што се поставува прашањето за сопственоста. Како се развива правниот пејзаж во врска со прашања како што се авторското право, правото на трговски марки и патент во контекст на содржината создадена од ВИ?

АП: Секоја нова технологија е предизвик за правата од интелектуална сопственост. Претходно беше интернетот, содржините креирани од страна на корисниците, одговорностите за сервис провајдерите, потоа стриминг-платформите, апликациите и слично, а денес ВИ.

Предизвикот од аспект на авторското право кој се појавува со ВИ е дека компјутерот може да научи од податоците кои му се даваат и да еволуира на начин што ќе носи одлуки кои ќе бидат управувани или независни, па оттука и да го трасира патот на „новото дело“ кое ќе го создаде. Традиционално, сопственоста на авторското право создадено од компјутерски програми никогаш не било доведено под прашање од причина што било јасно дека станува збор само за алатка која го пoддржува креативниот процес.

Во моментов постојат два приоди кон решавањето на овој проблем: да се одбие авторско-правна заштита на делата кои се генерирани од ВИ или авторско правната заштита да припадне на создавачот на компјутерската програма. Во ЕУ, Европскиот суд на правдата неколку пати го реафирмира своето стојалиште од случајот Infopaq International A/S v Danske Dagbaldes Forening (C-5/08), дека со авторско право може да се заштитат оригинални дела и таа оригиналност мора да ја рефлектира сопствената интелектуална креација на авторот, што подразбира дека за да ја рефлектира личноста на авторот, мора да постои човек како автор на одредено дело. Постојат и неколку други случаи кои од денешен аспект може да се сметаат дека спаѓаат под групата на случаи каде ВИ го предизвикала правото на интелектуална сопственост (пр. Lush v. Amazon, Louboutin v. Amazon).

Согласно податоците од СОИС има околу 340.000 пронајдоци поврзани со ВИ, од кои најголемиот број се во областите на телекомуникациите, транспортот и медицинските науки.

Со развојот на регулативата за ВИ, можеби некои од овие воспоставени принципи ќе претрпат промена, во насока на олабавување на стандардите за оценка на припадноста или повредата на правата од интелектуална сопственост. Сепак, сметам дека ова би значело одење по тенок мраз, бидејќи до сега ниту една „нова“ технологија не успеала да го намали нивото на заштита кое го обезбедува правото на интелектуална сопственост.

Дали веќе постојат регулаторни трендови или дискусии околу законското регулирање на користењето на ВИ?

Во последните неколку години постојат обиди за законско регулирање на користењето на ВИ, поттикнати од се поприсутните дискусии на оваа тема. На меѓународно ниво, ОЕЦД усвои необврзувачка препорака за ВИ во 2019 година и УНЕСКО, исто така во 2021 година, усвои препораки за етиката на ВИ.

Во САД усвоен е пристап на laissez faire кон ВИ. Белата куќа најави во јули 2023 дека седум технолошки компании доброволно се обврзале на одредени принципи за регулирањето на ВИ. Критичарите велат дека отсуството на законска регулатива, односно постоењето на само-регулација која не е задолжителна, остава простор за манипулација од страна на технолошките компании.

Во Кина во август 2023 е донесен законот за генеративна ВИ, последниот од низата прописи кои таргетираат одредени аспекти на ВИ и прв пропис кој се однесува на генеративната ВИ. Целта на овој закон е да се воведат ограничувања на компаниите кои ги обезбедуваат овие услуги за крајните потрошувачи.

ЕК првпат го претстави својот обид за регулирање на ВИ во 2021 година со синтетизиран пропис, т.н. Акт за ВИ („AI Act“). До денес, процесот на регулирање на ВИ е на меѓуинституционална дебата во телата на ЕУ. Нашата држава од лидер во регионот во регулирањето на интелектуалната сопственост, што своевремено исто така било предизвик како што е денес регулирањето на ВИ, остана последна во хармонизирањето на своето законодавство и имплементирање на прописи чија цел е регулирање на интернет просторот, социјалните мрежи, дигиталните технологии, стриминг-платформите итн.

Фактот што Националната стратегија за интелектуална сопственост сѐ уште не е донесена, само го потврдува ставот дека заостануваме.

Што предвидувате дека ќе се случува во 2024 по ова прашање?

Процесот на кристализирање на правилата во доменот на ВИ ќе биде предизвик за правниците минимум во наредните десет години.

Она на што треба да се обрне внимание е примената на постоечката регулатива при решавање на споровите поврзани со ВИ.

Неспорно е дека во овој правен вакуум, правниците ќе бидат принудени да ги применуваат постоечките прописи при анализа на случаите на повреда и да се прави проценка на база на основните принципи на правото.

Во однос на бизнисите, ризикот е двоен: од аспект на употребата на ВИ во своите процеси на работа; зголемената можност за повреда на правата на други лица при употреба на алатките на ВИ.

Оттука бизнисите ќе мораат да се отворат кон алтернативните начини на решавање на овој вид спорови (пред сè мислам на арбитража), за да може поефикасно и побрзо да се добијат правно-обврзувачки одлуки каде правото ќе биде применето од страна на експерти во овие области.

Текст: Економист: Светот во 2024-та

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *