Измени на законот за Данок на додадена вредност и одлуки на Владата на Република Северна Македонија

Со Законот за данокот на додадена вредност се регулира данокот на додадена вредност како општ потрошувачки данок кој се пресметува и плаќа во сите фази на производството и трговијата, како и во целокупниот услужен сектор, освен ако поинаку не е пропишано со законот.

Собранието на Република Северна Македонија на ден 19.09.2023 година го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за додадена вредност, а истиот беше објавен во Службен весник на Република Северна Македонија бр.199 од 25.09.2023 година.

Со носењето на Законот за изменување и дополнување на Законот за додадена вредност, се врши измена и дополнување на Законот во делот со кој се уредува местото на промет, се воведува терминот даночен застапник со цел нерезидентните странски лица кои немаат седиште, а кои вршат промет на добра и услуги во нашата земја да можат да го пресметаат и платат данокот на додадена вредност на даночниот орган, се врши уредување на даночниот третман на прометот на добра и услуги со примена вредносни ваучери, a воедно се допрецизираат одредбите со кои се уредува ослободување од данок на додадена вредност а кои се однесуваат на дипломатските и конзуларните претставништва, вклучувајќи ги и инволвираните странски лица.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за додадена вредност се врши ревидирање на дел од даночните стапки и тоа преку зголемување на стапката на ДДВ од 5% на 10% на производи за човечка исхрана кои не се дел од основните производи потребни за човечка исхрана. Се врши измена и за прометот со ментруални производи и тоа од 18% на 5%, а исто така се намалува и даночната стапка за дигиталните учебници. Се врши ревидирање и измена на даночната стапка за прометот и увозот на пелети, печки на пелети и котли на пелети од повластена даночна 5% на редовната стапка од 18%.

Врз основа на член 30 став 3 и член 30-а став 3 од Законот за данокот на додадена вредност, Владата на Република Северна Македонија на седница одржана на 28.09.2023 година, донесе Одлука за определување на добрата и услугите кои подлежат на повластена стапка на данокот на додадена вредност, која е објавена во Службен весник на Република Северна Македонија бр.203 од 28.09.2023 година.

Со Одлуката поблиску и подетално се определуваат добра и услуги, поделени по категории и подетално по глава/тарифен број/подброј/ознака, кои подлежат на повластена стапка на данокот на додадена вредност. Со денот на влегувањето во сила на предметната Одлука, престанува да важи Одлуката за определување на добрата и услугите кои подлежат на повластена стапка на данокот на додадена вредност („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 293/21).

Владата на Република Северна Македонија на 190-та седница одржана на 10.10.2023 година донесе и Одлука за изменување на Одлуката за определување на добрата и услугите кои подлежат на повластена стапка на данокот на додадена вредност.

Согласно одредбите од новодонесената Одлуката, се врши допрецизирање на примената на повластената стапка од 5% ДДВ, односно со повластена стапка од 5% се даночат најголем дел од основните прехранбени производи, кои не биле опфатени или на било каков начин биле изоставени во Одлука за определување на добрата и услугите кои подлежат на повластена стапка на данокот на додадена вредност, објавена во Службен весник на Република Северна Македонија бр.203 од 28.09.2023 година. Се ревидира и даночната стапка од 5% на 10% на одредени производи и додатоци во исхраната кои не спаѓаат во групата на основни прехрамбени производи. Новодонесената Одлука влегува во сила со денот на објавувањето во Службен весник на Република Северна Македонија, а е предвидено да се применува од 13.10.2023 година.

Воедно, Владата на Република Северна Македонија на 186-та седница одржана на 19.09.2023 година, донесе Одлука за посебни услови за трговија на одделни стоки, определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало, како и обврска на трговците да прибавуваат определени видови и количества  одделни стоки на потрошувачите, според определен редослед. Со Одлуката се утврдува нивото на цените (со исклучок на цените на акциска продажба) на стоките и производите коишто се применувале на 1 август 2023 година, во трговијата на мало, односно цените на овие производи се намалуваат за најмалку 10%.

Исто така, врз основа на Одлуки за дополнителни намалувања цени на зеленчук и овошје, млеко и павлака и гарантирани цени на вода, негазирани и газирани пијалаци, донесени на 187-та седница на Владата на Република Северна Македонија, се врши регулирање на највисоката профитна трговска маржа која може да ја оствари правно лице, односно се олеснуваат и намалуваат дел од царинските давачките за увоз на одреден број на производи и истите е предвидено да бидат со важност заклучно до 30.11.2023 година. Со Одлуки од 188-та седница на Владата на Република Северна Македонија, се врши допрецизирање на одлуките за заштита на животниот стандард на граѓаните.

Важно е да се напомене дека Одлуките за регулирање на цените со цел заштита на животниот стандард на граѓаните се донесени и се применуваат во исто време со носењето и приманата на одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за додадена вредност. Истото допринесува за одредено ниво на конфузија како кај генералната популација, така и кај правните лице кои се бават со дејноста трговија, како при нивното запознавање така и при нивната примена. Согласно наведеното, укажуваме дека Одлуките се носат врз основа на одредби наведени во Законот за трговија и истите регулираат највисока цена и профит (маржа) во трговијата, додека со одредбите наведени во Законот за додадена вредност се регулира друг основ, односно се регулира данокот на додадена вредност како општ потрошувачки данок.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *