Што предвидуваат новите измени и дополнувања на Законот за семејството?

Собранието на Република Северна Македонија на седницата одржана на 19 септември 2023 година го донесе и усвои Законот за изменување и дополнување на Законот за семејството кој беше објавен во Службен весник бр.199 од 25.09.2023 година и истиот стапи во сила на осмиот ден од денот на објавувањето во Службен весник.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за семејството извршени се измени и дополнувања во глава II од Законот за семејството со која се уредени засновањето на односите помеѓу родители и деца.

Со донесените измени и дополнувања изменети се законските рокови во кои брачниот другар може да оспорува татковство на дете кое го родила неговата брачна другарка за време на траењето на бракот или пред истекот на 300 дена од престанокот на бракот како и законските рокови во кои може да го оспорува татковството старателот на брачниот другар доколку истиот е лишен од деловна способност или ако ја изгубил деловната способност пред истекот на рокот за оспорување на татковство.

Имено, наместо досегашните одредби кои предвидуваа тужбата за оспорување на татковство да се поднесе во рок од три месеци од дeнот на дознавањето на раѓањето, со Законот за изменување и дополнување на Законот за семејството рокот се зголемува на една година од дeнот на дознавањето на раѓањето.

Со донесените измени и дополнувања на Законот за семејството, предвидени се измени и во законските рокови во кои жената која во матичната книга на родените е запишана како мајка на детето може да го оспорува своето мајчинство ако смета дека не му е мајка на детето како и законските рокови во кои жената која себе си се смета за мајка на детето може да го оспорува мајчинството на жената која во матичната книга на родените е запишана како мајка на детето.

И во овие случаи,  наместо досегашните одредби кои предвидуваа тужбата за оспорување на мајчинство  да се поднесе во рок од три месеци од дeнот на дознавањето на раѓањето, со Законот за изменување и дополнување на Законот за семејството рокот се зголемува на една година од дeнот на дознавањето на раѓањето.

Покрај наведената измена, со Законот за изменување и дополнување на Законот за семејството извршено е дополнување на Законот за семејството во однос на тоа кој може да го оспорува татковството на детето.

Кога станува збор за оспорување на татковство по судски пат, со досегашните законски решенија како подносители на тужбата за оспорување на татковство (т.н. активно легитимирани лица) можеа да се јават само брачниот  другар кој е запишан како татко на детето во изводот од матичната книга на родените, на дете родено за време на траењето на бракот кое го родила неговата брачна другарка  или  пред истекот на 300 дена од престанокот на бракот, или неговиот старател ако тој е лишен од деловна способност, мајката на детето и детето.

Со досегашното законско решение, вистинскиот биолошки родител беше оневозможен во  остварување на правото за оспорување на татковството на детето на начин што со Законот за семејството му беше ускратено правото на поднесување на тужба, а кое нешто е во спротивност со  членот 25 од Уставот и членот 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права.

Оваа недоследност и законска  неуреденост во голем број постапки за утврдување, односно оспорување на татковство кои се водат пред надлежните основни граѓански судови во целост ја ускратуваа можноста на друго лице да се запише како татко, кога со материјални докази ќе докаже дека е негов биолошки родител односно татко  на дете родено во брачна заедница на мајката со друг маж, кој по сила на законот е запишан како татко, односно  детето го признал за свое.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за семејството конечно се дава можност и на биолошкиот родител да биде активно легитимиран како подносител на тужбата, на начин што со Законот за изменување и дополнување на Законот за семејството дополнет е Законот за семејството со нов член – член 65-а кој предвидува: “ Според овој закон, маж кој тврди дека е татко на детето може да го оспори татковството на лицето кое се смета за татко на детето ако истовремено побара утврдување татковство. Тужбата за оспорување на татковство од ставот 1 на овој член се поднесува во рок од една година од раѓањето на детето.“

Во однос на примената на член 65-а од Законот за семејството, Законот за изменување и дополнување на Законот за семејството предвидува дека тужба за оспорување на татковство може да се поднесе во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон за дете кое до денот на влегување во сила на овој закон наполнило една година возраст, но нема повеќе од пет години.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *