Што предвидуваат новите измени и дополнувања на Кривичниот законик?

Во насока на усогласување на позитивните законски прописи со најновите меѓународни стандарди, Протколот на Обединетите нации и со Директивите на Европската унија во Службениот весник на Република Северна Македонија број 36 од ден 17.02.2023 година беа објавени измените и дополнувањата на Кривичниот законик кои стапија на сила на ден 25.02.2023 година.

Со донесените измени се зголемува ефикасноста на примената на мерката конфискација преку целосно усогласување со Европската конвенција за човекови права и јурсипруденцијата на Судот во Стразбур.

Како позначајни се и новините кои се однесуваат на кривичните дела „тортура“ и „малтретирање во вршењето на службата“ и нивното незастарување како резултат на пресудите на Европскиот суд за човекови права.

Со донесените измени и дополнувања на Кривичниот законик се пропишува и ново кривично дело „Демнеење“. Имено, лицето кое повторено неовластено ќе следи, прогонува или на друг начин се меша во личниот живот на друг, или со него воспоставува или настојува да воспостави несакан контакт со движење во просторот каде се наоѓа тоа лице, како и со користење на средства за јавно информирање и други средства за комуникација или на друг начин психички го злоставува, вознемирува или застрашува и со тоа ќе предизвика чувство на несигурност, вознемиреност или страв за неговата сигурност или сигурноста на нему блиско лице ќе се казни со парична казна или затвор до три години. Доколку делото е сторено спрема лице со кое сторителот е или бил во интимна врска или спрема дете, со измените и дополнувањата пропишана е казна затвор од шест месеци до пет години.

Значајно е да се спомене дека со измените на Кривичниот законик, во членот 123 се предвидува и нов квалифициран облик на кривичното дело за убиство на новинар или друг медиумски работник. Имено, на секое лице кое ќе лиши од живот новинар или друг медиумски работник или друго лице што врши работи од јавен интерес при вршењето на професионалните задачи ќе му биде пропишана казна затвор десет години или доживотен затвор.

Со измените и дополнувањата исто така е опфатено и усогласување на Директивата на Европската унија 2017/1371 за борба против измама во врска со финансиските интереси на Унијата, во кривичното дело „Царинска измама“ предвидени се и нови начини за извршување на делото, во кривичното дело „Даночно затајување“ сменета е рамката на пропишаната казна во однос на квалифицираниот облик и начинот на извршување на делото.

Останатите измени и дополнување на Кривичниот законик поврзани се со имплементирањето на одредбите на Истанбулската конвенција, па така се дава нова дефиниција на семејното насилство, постојната дефиниција на „жртва на кривично дело“ се дополнува и се дефинира родово-базирано насилство врз жените.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *