Право на претставување vs наследничка трансмисија

Правото на претставување  и наследничката трансмисија се стари класични институти на наследното право кои водат потекло уште од римското право, а кои наоѓаат примена и во нашето наследно право согласно Законот за наследувањето (Службен весник на Р.М бр. 47/1996 од 12.09.1996 година)

Иако станува збор за два различни правни институти на наследното право, сепак многу често во нашата пракса доаѓа до поистоветување на овие два правни институти.

Имено, правото на претставување претставува право на потомците на едно лице кое од било кои причини не станал законски наследник (не го надживеал оставителот, недостоен е за наследување, исклучен е од наследство или се откажал од наследство само во свое име) да станат наследници на оставителот и да го наследат делот кој што би му припаднал на нивниот предок.

Правото на претставување се применува само во корист на децата и останатите потомци во права линија, но не и во корист на брачниот другар на оставителот.

Наспроти правото на претставување, за да дојде до примена на институтот наследничка трансмисија потребно е наследникот да умре по смртта на оставителот без да даде изјава дали се прифаќа за наследник.

Правото на наследникот да даде изјава дали се прифаќа за наследник или не, преминува на неговите наследници, што во суштина претставува наследничка трансмисија.

Со оглед на тоа дека во случај на наследничка трансмисија, право на наследување имаат сите наследници, како наследник врз основа на наследничка трансмисија може да се јави и брачниот другар.

Оттука, наследничката трансмисија се применува само во случај кога потомокот ќе почине по смртта на оставителот, но пред да даде изјава дали се прифаќа или не се прифаќа за наследник, наспроти правото на претставување кое се применува во повеќе случаи – ако потомокот не го надживеал оставителот, ако потомокот е недостоен за наследување, ако потомокот е исклучен од наследство или ако потомокот се откажал од наследство само во свое име.

Понатаму, наследничката трансмисија се применува на сите наследници, наспроти правото на претставување кое се применува само во корист на потомците.

Наследничката трансмисија за разлика од правото на претставување има и пошироко поле на примена од причина што истата се применува и на законското и на тестаменталното наследување, наспроти правото на претставување кое наоѓа примена само кај законското наследување.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *