Што е паралелен увоз на производи?

Паралелен увоз на производи преставува увоз на оригинални производи од страна на увозници кои не се дел од дистрибутивните канали кои се договорени од страна на носителот на правата на индустриска сопственост, односно, увозникот увезува оригинални производи без притоа да има договор за застапништво или договор за дистрибуција со носителот на правата од индустриска сопственост.

Производите кои се увезуваат како паралелен увоз уште се нарекуваат и како „производи од сив увоз“ или „стоки од сивиот пазар“ бидејќи оној кој врши увоз на производите нема договор за застапништво или договор за дистрибуција со носителот на правата од индустриска сопственост.

Меѓутоа, сакаме да истакнеме дека производите кои се увезуваат како паралелен увоз не преставуваат фалсификувани или неоригинални производи, туку, се работи за оригинален производ кој е увезен преку паралелен канал, односно, преку канал кој не е контролиран од страна на носителот на право од индустриска сопственост.

На пример, на пазарот во Република Северна Македонија можат да се најдат компјутери, производи од електроника или друг вид на производи од познати брендови, односно, производи кои се означени со општо познати трговски марки, кои се оригинални производи, меѓутоа истите не биле произведени за пазарот на Република Северна Македонија, туку, биле произведени за други пазари, а во Република Северна Македонија биле увезени како паралелен увоз.

Улогата на Царинската управа при паралелен увоз

Во Република Северна Македонија во примена е Законот за царински мерки за спроведување на заштита на правата од интелектуална сопственост, а кој закон овозможува носителот на право од трговска марка, преку поднесување на Барање за превземање на царински дејствија од страна на царинските органи, да забарани увоз на производи за кои постои сомневање дека го повредуваат неговото право од заштитена трговска марка.

Согласно овој Закон, кога во царинска постапка ќе се појават производи за кои постои основано сомневање дека повредуваат право на некоја трговска марка, тогаш, Царинската управа, има законска надлежност привремено да ги задржи производите за кои постои сомневање дека повредуваат право од трговска марка, се додека во соодветна постапка не се докаже дали се работи за оригинални производи или за проиозводи кои повредуваат право на трговска марка.

Меѓутоа, сакаме да истакнеме дека Царинската управа нема надлежност да задржи стока која преставува оригинална стока, а која стока на територија на Република Северна Македонија се увезува од страна на правно лице кое нема договор со носителот на право од трговска марка или не е дел од неговиот дистрибутивен канал, односно, се увезува како паралелен увоз.

Судска пракса

Судската пракса во Република Северна Македонија е сеуште сиромашна по однос на прашањето дали увозот на производи како паралелен увоз преставува повреда на право од заштитена трговска марка или преставува злоупотреба на правата кои ги има носителот на заштитената трговска марка.

Меѓутоа, во 2020 и во 2021 година Врховниот суд на Република Северна Македонија донесе  одлуки во кои зазеде став дека увозникот кој во Република Северна Македонија увезол оригинални производи како паралелен увоз не злоуѕпотребил, односно, не повредил право од трговска марка.

Опасност за потрошувачот при купување на производи увезени како паралелен увоз

Производите кои се увезени како паралелен увоз кријат одредени опасности за потрошувачот кој купил ваков производ, без разлика што се работи за оригинален производ.

Имено, овие производи вообочаено не се покриени со политиката за поправка и затоа сервисната поддршка нема да биде покриена со гаранцијата за производство.

Исто така овие производи може да не се вклучени во промотивните кампањи, а самото пакување може да има напојувања (кабел/адатптер) или други придружни компоненти што не се компатибилни со стандардите во Република Северна Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *