Регистар на вистински сопственици

На 27.01.2021 година, Централниот регистар го пушти во употреба Регистарот на вистински сопственици и од овој ден започна да тече рокот од 90 дена за пријавување на податоците за вистинските сопственици во Регистарот. Обврска на сите трговски друштва е да ги пријават вистинските сопственици, преку лица овластени за поднесување на пријави во Централниот регистар.

Согласно Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, „Вистински сопственик“ е секое физичко лице (лица) кое е краен сопственик на клиентот или го контролира клиентот и/или физичко лице (лица) во чие име и за чија сметка се извршува трансакција. Поимот вклучува и физичко лице (лица) кое врши крајна и ефективна контрола над правно лице или странски правен аранжман;

Имено, согласно Законот за перење пари и финансирање тероризам е предвидена задолжителна обврска за идентификување на вистинскиот сопственик. Тоа најпрво може да се изврши врз основа на податоци и информации од сигурни и независни извори, со цел да може со сигурност да се утврди кој е вистинскиот сопственик.

„Регистар на вистински сопственици“ е информациски систем кој овозможува прием, евидентирање, обработка, чување и размена на податоци и/или документи за вистински сопственици во електронска форма;

Уште од самиот поим во Законот, може да се заклучи дека под вистински сопственик не се подразбира само лицето кое има удел во друштвото и кое е впишано во тековна состојба како основач/содружник, туку потребно е да се утврди реалниот краен и вистински сопственик на еден субјект (едно правно лице).
Во законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам се предвидени неколку одредби кои ја уредуваат оваа тема, односно начинот, условите и постапката на утврдување на вистинскиот сопственик и негово регистрирање во регистарот.

Вистински сопственик на правно лице е:
1. Физичко лице (лица)
кое е сопственик на правното лице или го контролира правното лице преку директна сопственост на доволен процент на удели, акции, вклучително и акции на доносител или право на глас или други права во правното лице;
2. Физичко лице (лица) кое го контролира правното лице преку индиректна сопственост на доволен процент на удели, акции, вклучително и акции на доносител или право на глас или други права во правното лице или
3. Физичко лице (лица) кое на друг начин остварува контрола на правното лице.

Индикатор на директна сопственост е сопственоста на над 25% од уделите, правата на глас или други права во правното лице, односно сопственоста на 25% плус една акција.

Индикатор на индиректна сопственост е сопственоста или контролата на физичко лице (лица) над едно или повеќе правни лица кои поединечно или заедно имаат над 25% од уделите или 25% плус една акција.

Вистински сопственик на домашни и странски здруженија и нивни сојузи, фондации, установи, комори, синдикати, политички партии, задруги, верски заедници или други организации во кои учеството во управувањето врз основа на сопственички удел во капиталот не е можно да се утврди, се смета секое физичко лице кое е овластено да ги застапува или физичкото лице кое има контролна позиција во управувањето со имотот на организацијата.

Вистински сопственик на трговец поединец или самостојни вршители на дејност е физичкото лице регистрирано за вршење на дејноста и во исто време е единствен овластен претставник.

Вистински сопственик на буџетски корисник е раководител на буџетскиот корисник.
Вистински сопственик на правно лице во државна сопственост е лицето кое управува или раководи со органот на управување на правното лице во државна сопственост.

Вистински сопственик на правно лице кое е во постапка на стечај или ликвидација е стечајниот управник, односно ликвидаторот до завршувањето на постапката на стечај, односно ликвидација.

Донесен е „Правилник за начинот на внесување, пријавување, исправка и бришење на податоците од регистарот на вистински сопственици, начинот на користење, начинот на изразување на висината на уделот(индикатор за утврдување на сопственоста), начин на одржување и администрирање, техничките барања (потреби) за воспоставување на регистарот на вистински сопственици„  во Службен весник на Р.М. бр.186/2018 од 08.10.2018 година врз основа на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам.

Во Службениот Весник на Р.М. бр.19/2022 од 27.01.2022 година објавен е донесениот Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за начинот на внесување, пријавување, исправка и бришење на податоците од регистарот на вистински сопственици, начинот на користење, начинот на изразување на висината на уделот(индикатор за утврдување на сопственоста), начин на одржување и администрирање, техничките барања (потреби) за воспоставување на регистарот на вистински сопственици, во кој се менуваат членовите 2,3,4,5 и 7.

Од горенаведениот Правилник, најважни измени се тие дека внесувањето, пријавувањето, исправката и бришењето на податоците за вистинскиот сопственик на правниот субјект во регистарот на вистинските сопственици, се врши преку интернет криптирана конекција, со користење на веб-базирани електронски системи достапни преку веб-порталот на Централниот регистар.

Се скратува и поедноставува изборот на достапни индикатори за подносителот, и тоа: директна сопственост, индиректна сопственост и физичко лице кое на друг начин остварува контрола на правното лице. Исто така, се додава и датум на важење на индикаторот на сопственост, како и нов став дека при изборот на индикаторот на сопственост се наведува и својството во кое вистинскиот сопственик се запишува преку избор од дадени опции од системот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *