Од 01 јануари 2022 година влегоа во сила Измените и дополнувањата на Законот за работните односи објавени на ден 21.12.2021 година во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 288/21.
Со измените на Законот за работните односи се предвидува ден Недела да биде ден на неделен одмор за разлика од досегашното законско решение кога како ден на неделен одмор можеше да биде друг ден во неделата.
Со измените на Законот, предвидени се исклучоци од ова правило, и тоа за работниците кај работодавачите во дејности кај кои работниот процес е од таква природа што не може да се прекине поради техничко – технолошкиот процес и потребата од континуитет во работата, ден на неделен одмор може да биде друг ден во неделата.
Со новото законско решение, работникот покрај правото на додаток на плата за работа во недела, има право и на користење на неделен одмор во наредните 7 дена. Додатокот на плата за работа во недела изнесува најмалку 50% за секој час поминат на работа, доколку со закон и колективен договор не е утврден повисок износ на додатокот.
За работодавачите кои нема да ги почитуваат новите законските одредби, предвидени се глоби во паричен износ и забрана за вршење на дејност во зависност од видот на повредата.
Законот за работните односи пропишува дека работниците кај работодавачите од трговија на мало и трговија на големо, неделниот одмор го користат во согласност со Законот за трговија, па оттука, со цел за усогласување на законските одредби, направено е усогласување на Законот за трговија, за што на ден 27.12.2021 година во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 295/21 објавени се Измените и дополнувањата на Законот за трговија.