Услови за пензија – Неусогласеност во законските прописи

Со Измените и дополнувањето на Законот за работните односи објавени на ден 06.07.2021 година во “Службен весник на Република Северна Македонијабр. 151/21 се регулира задолжително одење во пензија со наполнети 64 години возраст и 15 години пензиски стаж, доколку со друг закон поинаку не е уредено.

Работниците кои сакаат да го продолжат работниот стаж и кои поднеле барање за продолжување на истиот до работодавачот заклучно до 31 август 2021 година, можат да го продолжат работниот стаж заклучно до 30 јуни 2022.

Од задолжителното пензионирање на 64 години возраст, има исклучоци за дефинирани кадри од областа на јавното задравство и во високото образование. Здравствените работници ќе може да се пензионираат на 67 години, но со претходно одобрување од директорот на установата каде што работат и со позитивно мислење од Министерството за здравство дека кадарот е потребен и нема негова замена. За вработените во високото образование исто така се предвидува да можат да останат да работат до 67 години, под услови определени во Законот за високото образование.

Како исклучок се смета и членот 18 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување во кој член е предвидено дека осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж.

Иако овој член како и останатите одредби од Законот за пензиско и инвалидско осигурување во пракса се сметаат како исклучок, потребно е да изврши усогласување на овој закон со Законот за работните односи како не би дошло до забуна и злоупотреба на правата на работодавачите и работниците.

Со Измените и дополнувањето на Законот за работните односи објавени на ден 06.07.2021 година во Службен весник на Република Северна Македонијабр. 151/21, законодавецот пропуштил да ги усогласи и прекршочните одредби со што се остава простор за различно толкување и примена на Законот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *