Поедноставено друштво со ограничена одговорност („ПДОО“)

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за трговски друштва бр. 251/2021 објавен воСлужбен весник на Република Северна Македонија“ на 16.09.2021г.  предвидена е нова форма на друштво-ПОЕДНОСТАВЕНО ДРУШТВО СО ОГРАНИЧЕНА ОДГОВОРНОСТ или скратено „ПДОО“.   Целта на законските измени е да се овозможи основање на друштва со минимален износ на основачки капитал од 1 евро,  за категоријата на граѓани кои сакаат да започнат сопствен бизнис, но немаат доволно финансиски средства за основање на Друштво со ограничена одговорност со основачки капитал од 5000 евра. Во оваа насока, законодавецот дава можност за започнување на бизнис со минимален износ на основачки капитал, со што би се зголемила можноста за основање на друштва од млади лица со иновативни идеи, кои не располагаат со почетен сопствен капитал, а од друга страна, би се зголемила конкурентноста и би се намалила сивата економија во државата.

Согласно донесените измени во Законот, се предвидува дека  друштвото кое има најмногу тројца основачи како физички лица, од кои еден е управител, може да се основа како поедноставено друштво со ограничена одговорност-ПДОО. Најмалиот износ на основната главнина на поедноставеното друштво со ограничена одговорност е 1 евро во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Северна Македонија на денот на уплатата, освен ако основачите не се договориле тоа да биде денот на потпишување на основачкиот акт на друштвото. Најмалиот номинален износ на деловниот удел е 10 центи во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Северна Македонија на денот на уплатата, освен ако основачите не се договориле тоа да биде денот на потпишување на основачкиот акт на друштвото. Влоговите за преземените деловни удели се уплаќаат само во пари. Пријавата за упис на друштвото во трговскиот регистар се поднесува откако влоговите за преземените деловни удели во друштво во целост се уплатени.

Со одредбите од законот предвидени се и посебни одредби за задолжителна резерва кај ваквиот тип на друштва и за што може истата да се искористи. Согласно законските одредби, Друштвото мора да има задолжителна резерва, во која мора да се внесе ¼ (една четвртина) од добивката на друштвото искажана во годишните финансиски извештаи, намалена за износот на загубата од претходната година. Задолжителната резерва може да се употреби за: зголемување на основната главнина со распределба на резервата во основната главнина на друштвото; за покривање на загубата искажана за годината за која се поднесуваат годишните финансиски извештаи, ако не е покриена од добивката оствaрена во претходната година и за покривање на загубата искажана за претходната година, ако не е покриена од добивката искажана во годишните финансиски извештаи за годината за која се поднесуваат.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *