Адвокатите од Адвокатското Друштво Пепељугоски на заеднички час со учениците од село Саса

„Сакам да бидам доктор“ како до пушка одговори еден од малкуте учениците од подрачното основно училиште во село Саса на прашањето „Што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш?“  што му го постави Светлана Нечева адвокат во тимот на Адвокатското Друштво Пепељугоски.

 Децата посакаа да бидат и програмер, полицаец, слаткар и сите со многу ентузијазам ги споделуваа своите соништа и планови со гостите од Адвокатското Друштво Пепељугоски. Овој специјален час беше одлична можност десетината ученици од ова училиште да дознаат повеќе за професијата адвокат, да ги постават прашања: Што работи адвокатот? Колку треба да се учи за оваа професија? и Дали е тешко да се памтат сите закони? И секако да добијат интересни одговори за тоа што е потребно да се стигне до успехот.

Александар Трајковски, Ана Пепељугоска, Светлана Нечева и Филип Пантов со задоволство го споделуваа своето искуство и совети за надминување на пречките на кариерниот пат секако прилагодувајќи ги одговорите на возраста на љубопитните основци помагајќи им да ја надминат срамежливоста.

За адвокатскиот тим оваа посета, во сезоната на подарување и празнување, е многу значајна затоа што една од континуираните заложби на друштвото е да помогне во трасирање на образовниот пат на децата, особено оние на кои можеби им недостигаат сите модерни услови за учење.

„Важно е сите да придонесеме за обезбедување на еднакви услови за успех на децата на оваа возраст. Задоволство ми беше да ги запознаам овие интелигентни и насмеани деца кои се надевам ќе останат  испирирани и мотивирани да се стремат кон знаење и градење на успешни кариери.“ рече Александар Трајковски, адвокат-партнер во Адвокатското Друштво Пепељугоски.

При посетата претставниците на Адвокатското Друштво Пепељугоски донираа дидактичко- едукативни материјали за учениците што го нагласи празничниот новогодишен дух на средбата.

„Како Адвокатско Друштво Пепељугоски остануваме посветени во овозможувањето на услови за младите да успеат. Веруваме дека секое дете треба да има пристап до квалитетно образование. Само со посветена работа, решеност и упорност, младите можат да ги остварат своите соништа, а ние сме тука да помогнеме“ – истакна Ана Пепељугоска, адвокат-партнер во Адвокатското Друштво Пепељугоски.

Директорот на ООУ „Св. Кирил и Методиј“, Виктор Ѓорѓиевски во знак на благодарност за донацијата, на претставниците од Адвокатското Друштво Пепељугоски им врачи Благодарница за донација на материјални средства за подрачното училиште во село Саса, а на приемот во кабинетот на градоначалникот на општина Македонска Каменица, Димчо Атанасовски се разговараше за потребата успешните компании да бидат пример за учениците.