Нов Закон за заштита на потрошувачите

Со новиот Закон за заштита на потрошувачите (oбјавен во „Службен весник на РСМ“ бр 236 од 07.11.2022 година), кој е усогласен со директивите на Европската Унија, се обезбедува подобра информираност на потрошувачите за нивните права, се овозможува подобро остварување на правата на потрошувачите преку ефективен надзор на пазарот, а дополнително се става акцент на нечесните трговски практики, измамнички трговски практики и агресивни трговски практики при продажба на стоките и услугите, сè со цел обезбедување високо ниво на заштита на правата за потрошувачите.

Од особена важност е да се напомене дека со новиот Закон за заштита на потрошувачите, се наметнуваат поголем број на обврски на трговците кои треба да постапуваат со зголемено внимание во потрошувачките односи, пред сè имајќи го предвид фактот дека товарот на докажување дека постапиле согласно законските прописи паѓа на трговците.

Во контекст на замена на стоката, во новиот Закон за заштита на потрошувачите се предвидува дека  трговецот има обврска на барање на потрошувачот кој кај него има купено стока, истата да ја замени со стока што има соодветен квалитет, а што не е соодветна во однос на формата, големината, моделот, бојата, бројот или од други причини, освен во случај на стока изработена по нарачка од потрошувачот.

Трговецот е должен да изврши замена на стоката, во рок од 15 дена сметано од денот кога стоката му е предадена на потрошувачот. Замената на стоката со соодветен квалитет се врши ако стоката не била употребувана, ако се сочувани нејзините изглед, употребни својства, пломби и фабрички означувања, како и сметката што на потрошувачот му била издадена заедно со стоката.

Во членот 40 од Законот за заштита на потрошувачите предвидена е општа одредба за одговорност за штета причинета од неисправен производ, согласно која производителот кој ќе пушти во промет производ одговара за штетата предизвикана од неисправноста на тој производ, без оглед на неговата вина.

Потрошувачите чии права се повредени со користење на нечесни трговски практики, измамнички и агресивни трговски практики од страна на трговецот имаат право на надомест на штетата која ја претрпеле, имаат право и на сразмерно намалување на цената и раскинување на договорот, додека за трговците следат глоби, санкции и забрана за вршење на дејност.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *