Врховниот суд утврди правно мислење за надлежност за извршување на судски одлуки со кои се определени привремени мерки

На 12.07.2022 година, Одделот за граѓански дела на Врховниот суд на Република Северна Македонија, постапувајќи по барање за донесување на правно мислење заради воедначување на судската практика, утврди правно мислење според кое за извршување на судски одлуки со кои се определени привремени мерки како средство за обезбедување на побарување, надлежен е извршител согласно Законот за извршување.

Донесување на правно мислење за утврдување надлежност за извршување на судски одлуки со кои се определени привремени мерки е резултат на невоедначената судска практика од која произлегува различно постапување на извршителите по поднесени барања за извршување на судски одлуки со кои се определува привремена мерка.

Имено, пред донесувањето на правното мислење постоеше дилема кој орган е надлежен за спроведување и извршување на дејствијата утврдени со донесените судски решенија за издавање на привремена мерка, односно дали се тоа основните судови согласно одредбите од Законот за обезбедување на побарувањата или надлежни се извршителите согласно Законот за извршување.

Врховниот суд, имајќи ги предвид одредбите од Законот за обезбедување и на побарувањата и Законот за извршување утврди, дека кога од судот е донесено решение со кое е усвоен предлогот за обезбедување на побарување со привремена мерка а доверителот поднел барање за спроведување и извршување на дејствијата утврдени со донесените правосилни и извршни судски одлуки станува збор за спроведување на присилно извршување на извршна судска одлука. Имено, во ситуација кога треба да се превземат конкретни дејствија за спроведување на решението, таквите извршувања ќе ги спроведе надлежниот извршител според одредбите на Законот за извршување.