Постапка за признавање на татковство

Согласно одредбите од Законот за семејство на Република Северна Македонија за татко на детето ќе се смета брачниот другар на мајката, доколку детето е родено за време на траењето на бракот или пак во рок од 300 дена по престанокот на бракот.

Доколку детето е родено надвор од брак, за татко на детето се смета лицето кое детето ќе го признае за свое.

Постапката за признавање на татковство е уредена со одредбите на  Законот за семејство, согласно кои признавањето на татковството се врши со доброволен пристап на лицето кое себеси се смета за татко на детето родено надвор од брак односно со давање на изјава за признавање на татковство пред матичар, центар за социјална работа и суд.

Изјавата за признавање на татковство претставува строго лична изјава и може да ја даде маж кој што е способен за расудување, однсоно деловно способно лице кое е полнолетно, како и малолетно лице ако е постаро од 16 години, како и лице со ограничена деловна способност, доколку е способно да ја сфати содржината и значењето на изјавата за признавање на татковство.

Изјавата за признавање на татковството може да се даде и преку полномошно така што полномошното мора да биде заверено и да содржи изрично овластување на полномошникот да даде изјава за признавање на татковство на одредено дете кое го родила одредена мајка. Исто така признавање на татковството може да биде направено и со тестамент.

Органот пред кого е дадено ова признание должен е, без одлагање, записникот за признавање на татковството, да го достави до матичарот надлежен за упис на детето во матичната книга на родените.

Признавањето на татковството произведува правно дејство и се запишува во матичната книга на родените само ако со тоа се согласи мајката на детето, која за тоа матичарот ја известува. Изјавата за согласност за признавање на татковство мајката ја дава во рок од 30 дена по приемот на известувањето. Кога мајката не е жива или е исчезната или со ограничена или одземена деловна способност, изјавата ја дава старателот на детето со одобрение на Центарот за социјална работа.

Ако се случи детето врз кое се извршува признавање на татковство да е постаро од 16 години потребна е и негова согласност за признавање на татковството. Изјавата за согласност се дава во рок од 30 дена од денот на приемот на известувањето. Доколку  детето е помало од 16 години, и е под старателство, бидејќи мајката е умрена или е со непознато живеалиште или престојувалиште или му е одземена деловната способност, изјава за согласност за признавање на татковството дава старателот на детето со одобрение на Центарот за социјална работа.

Значи за да се оствари целата постапка за признавање на татковство потребна и е релевантна волјата на таткото, детето и мајката. Ако мајката на детето и детето кое е постаро од 16 години или старателот на детето кога е потребна неговата согласност, не се согласат со признавањето на татковството или не се изјаснат за тоа во рок од 30 дена по приемот на известувањето, лицето кое го признало детето за свое може да поднесе тужба заради утврдување дека е тој татко на детето.

Изјавата за признавање на татковство, како и изјавата на мајката и детето за согласност со признаеното татковство, не може да се отповикуваат единствено ако таа е предизвикана со принуда или е дадена поради измама или во заблуда.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *