Како да вработите странец?

Работниот однос на странски државјани во Република Северна Македонија е значајна тема за компаниите, а за која често се појавуваат дополнителни прашања. 

Потребата за дозвола на престој за странци се јавува како кај интернационалните компании кои сакаат да инвестираат во земјата и да донесат сопствен кадар, така и за локалните компании кои сакаат да инвестираат во интернационални засилувања.

Начинот и постапката за добивање на дозвола за престој и вработување на странци е уреден со Законот за странци, како и со Законот за вработување и работа на странци во Република Северна Македонија.

Со Законот за странци се уредуваат условите за влез, излез, напуштање, престој, враќање на странците со незаконски престој, како и правата и должностите на странците во Република Северна Македонија.

Со Законот за вработување и работа на странци се уредуваат условите и постапката под кои странци можат да се вработуваат или да работат во Република Северна Македонија, освен ако со ратификуван меѓународен договор поинаку не е утврдено.

Привремен престој заради работа во Република Северна Македонија може да се одобри за: 

1) вработување на странец;
2) сезонско вработување на странец и
3) упатени работници.

По исклучок, странец може да престојува и работи во Република Северна Македонија и врз основа на потврда за регистрација за работа, која е издадена во согласност со посебен закон, доколку работата што ја врши странецот е пократка од 90 дена.

Работна дозвола

Работна дозвола е документ врз основа на кој домашниот или странскиот работодавач склучува договор за вработување со странец. Работна дозвола се издава за определен временски период до една година или на неопределено време. На странецот може да му се издаде само една работна дозвола за ист временски период. Постапката за добивање на работна дозвола и регулирање на престојот на странец по основ на работа или вработување во Република Северна Македонија се води пред Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за вработување.

Работна дозвола која се издава за определен временски период до една година е обновлив или постојан облик на работна дозвола, која во текот на својата важност му овозможува на странецот слободен пристап до пазарот на трудот.

Барање за добивање на Работна дозвола, може да се поднесе од страна на странец кој ги исполнува условите утврдени со Законот за вработување и работа на странци и од страна на азилант. 

Работна дозвола се издава на: 
1) член на потесното семејството на државјани на Република Северна Македонија кој поседува важечка дозвола за привремен престој заради работа; 
2) член на потесното семејството на странец кој поседува работна дозвола за неодреден временски период; 
3) странец кој по потекло е од Република Северна Македонија или негов наследник до трето колено, кој нема македонско државјанство;
4) странец кој престојува во Република Северна Македонија врз основ на дозвола за привремен престој заради работа, за семејно обединување;
5) странец барател на правото на азил на кој барањето за признавање на правото на азил не му е решено во период од една година, по истекот на периодот од една година (дозволата за работа се издава на три месеци со можност за продолжување);
6) странец со признат статус на бегалец;
7) странец под супсидијарна заштита и
8) странец под привремена заштита.

9) Работна дозвола се издава на жртви на трговија со луѓе кои имаат стекнато дозвола за привремен престој заради работа поради хуманитарни причини за временскиот период на валидноста на дозволата за привремен престој.

Работната дозвола ќе престане да важи:
1) со истекот на рокот на важноста на работната дозвола;
2) со престанување на важноста на дозволата за престој;
3) ако странецот се откаже од својата работна дозвола;
4) ако странецот се стекне со државјанство на Република Северна Македонија;
5) во случај на смрт на странецот.

Дозвола за привремен престој по основ на вработување или работа

Министерството за внатрешни работи му издава на странецот дозвола за привремен престој по основ на вработување или работа за времетрање на работната дозвола под услови и во постапка уредена со Законот за странци. Дозволата за привремен престој, Министерството за внатрешни работи ја издава лично на странецот на кого се однесува. Министерството за внатрешни работи му ја продолжува дозволата за престој на странецот, ако на странецот му е издадено решение за продолжување на привремен престој согласно со членот 79 од Законот за странци.

Привремен престој заради работа или вработување ќе се одобри врз основа на барање на странецот, правното лице со кое странецот треба да склучи договор за вработување или од него овластен претставник, кое може да се поднесе и во Министерството за внатрешни работи. Привремен престој заради работа или вработување ќе се одобри ако Агенцијата издаде позитивно мислење дека странецот ги исполнува условите согласно со закон, доколку со ратификуван меѓународен договор поинаку не е определено.

Регистрација на почетокот и завршувањето на работата која ја извршуваат странци  

Регистрацијата на работата која ја извршуваат странци е задолжителен услов кој важи за сите странци кои врз основа на одредбите на Законот за вработување и работа на странци или друг закон се вработени или работат во Република Северна Македонија.

Лицата кои се одговорни за регистрирање на работата која ја извршуваат странци, задолжително треба да го регистрираат почетокот и завршувањето на работата која ја извршуваат странците.

Лицето кое е одговорно за пријавувањето на почетокот на работата на странецот, пријавувањето може да го изврши покрај во Агенцијата за вработување и во надлежната подрачна служба на Агенцијата за вработување, која претходно ја има издадено работната дозвола или мислењето и на чие подрачје ќе се извршуваат работите.

Пријавување на почетокот на работа на странци, во случаи на засновање на работен однос, на кои им била издадена работна дозвола или дадено позитивно мислење, се врши со електронски образец М1/М2 отпечатен од системот на Агенцијата за вработување и образец за пријавување на работа на странец.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *