Инвазијата на Украина, како најголемата воена операција во Европа од Втората светска војна и сериозна повреда на основните принципи на меѓународното право, започна на 24.02.2022 година, по што следуваше масовен опсег на напади од страна на Руската армија.
Веднаш по започнувањето на инвазијата, сеопфатен пакет санкции во делот на енергетиката, финансиите и транспортот, контрола на извозот и визни ограничувања беа воведени од страна на голем број европски држави, Обединетото кралство и САД.
Кон овие санкции како индиректно средство за учество и целосна осуда на воените дејствија и повреда на човекови права за времетраење на оваа инвазија, а пред сè како целосна поддршка на територијалниот суверенитет и интегритет на Украина, се приклучува и Република Северна Македонија.
Првиот пакет рестриктивни мерки на ЕУ опфаќаа забрана за патување низ земјите на ЕУ, како и забрана за пристап до финансиските фондови за лица од политиката и бизнисот кои одиграле улога за настанатата ситуација во Украина.
Како НАТО членка, Република Северна Македонија се приклучи кон повикот на Алијансата насочен кон Русија за прекин на воените дејствија на територијата на Украина, најпрво со затварање на воздушниот простор за руски авиони и авиокомпании, а на ваквата забрана за летови Русија возврати со контра-мерки, на начин што забрани на повеќе од 36 земји да го користат нејзинот воздушен простор.
Понатаму, видови рестриктивни мерки кои Република Северна Македонија ги прифаќа се финансиски мерки, ембарго на стоки и услуги, ембарго на оружје и забрана за влез во Република Северна Македонија, а како органи кои се надлежни за спроведување на овие рестриктивни мерки се определени Министерството за внатрешни работи, Министерство за финансии – Управа за финансиско разузнавање, Царинска Управа, Министерство за економија, Народна Банка, Министерство за одбрана и Министерство за транспорт и врски.
Ефектот од инвазијата и низата рестриктивни мерки кои до сега се воведени кон Русија од страна на големите сили, а кон кои се приклучува и Република Северна Македонија, најмногу се изразува и согледува на економски план, односно пред сè во поглед на трговијата со големиот пазар на Русија, која предизвикува финансиска и стопанска штета и допринесува за можна светска економска криза.
Ваквите ефекти ќе бидат почувстувани на долг рок, особено ако се има предвид нивното времетраење.
Оттука, неспорен е ефектот на инвазијата врз светската економија и развој, меѓутоа она на што во моментов треба да се стави акцент е токму големиот број човечки жртви и далекусежни последици по светскиот мир.