Нефер Трговски Пракси – Што се очекува со новата легислатива во Република Северна Македонија?

Функционирањето на синџирот за снабдување со храна на ниво на ЕУ е предмет на долгогодишни дебати, кои се интензивираа по нарушувањето на земјоделскиот пазар предизвикано од санкциите кон Русија.

Нефер комерцијалните практики генерално може да се дефинираат како практики кои во голема мера отстапуваат од доброто деловно однесување, кои се спротивни на добрата волја и правичната трговија, и кои еден трговски партнер еднострано ги наметнал на друг. Истите вообичаено имаат негативен ефект, особено врз малите и средни претпријатија во синџирот на снабдување со храна и земјоделството. Тие можат да влијаат на одржливоста на пазарот, нови финансиски инвестиции во производи и технологија и развој на прекугранични активности. Покрај директните, постојат и индиректни негативни ефекти од нефер трговските практики, како што е непреземање на ризик од страна на малите претпријатија долж синџирот.

Чекор понапред во управувањето со овој проблем е донесувањето на Директивата 2019/633  од 17.04.2019 за нефер трговски пракси во односите помешу деловните субјекти во синџирот на земјодели и снабдување со храна.

Според Европската Комисија, синџирот на снабдување со храна е особено ранлив на нефер трговски практики поради неговата пазарна структура и истите лесно може да предизвикаат штета на играчите на пазарот со послаба преговарачка моќ. Во последните години, на полето на правото на конкуренција постојат трендови на зголемената концентрација и вертикалната интеграција на учесниците на пазарот во ЕУ, кои доведоа до структурни промени во синџирот на снабдување со храна. Овие случувања придонесоа за состојбата на значително различни нивоа на преговарачка моќ и економска нерамнотежа во одделните трговски односи меѓу засегнатите страни во синџирот. Иако разликите во преговарачката моќ се вообичаени и легитимни во деловните односи, нивната злоупотреба понекогаш може да доведе до нефер трговски практики.

Согласно истражување правено во рамките на ЕУ, 83% од испитаниците рекле дека биле изложени на нефер трговски практики и рекле дека нивните трошоци се зголемиле поради нефер трговски практики, а 77% рекле дека нивниот приход бил намален поради нефер трговски практики.

Во Република Северна Македонија, постоењето на нефер трговски практики не е регулирано во посебен закон. Дел од овие повреди се карактеризираат како забранети согласно постоечкиот Закон за заштита на конкуренцијата. Сепак од страна на легислаторот на почетокот на 2022 година, беше направена најва за имплементација на Директивата 2019/633 во националното законодавство со донесување на посебен закон во мај 2022 година.

Следејќи го примерот во ЕУ, како и државите во регионот, а особено Хрватска, која веќе воспоставува пракса во оваа област, се очекува дека надлежност за оценување на нефер трговските практики ќе има Комисијата за заштита на конкуренцијата на Република Северна Македонија.

Целта на донесувањето на специфична легислатива која би ги санкционирала нефер трговските пракси е зголемување на конкурентноста на синџирот на снабдување со храна, соодветна сегментација во синџирот, економскиот раст, имплементација на активности за елиминирање на неправедните договорни практики меѓу актерите во целиот синџир, кои несразмерно го делат товарот на кризата и зголемените трошоци во рамките на синџирот на снабдување со храна и истите ги префрлаат на производителите и потрошувачите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *