Зошто the Curve Hotel не може да се заштити како трговска марка во Европска Унија?

Пред неколку месеци, Европскиот завод за интелектуална сопственост го има информирано подносителот на пријавата за трговска марка Стадион Хотел Леверкузен од Германија дека неговата пријава за трговска марка the Curve Hotel не може да биде регистрирана за територијата на Европската Унија.

Првото прашање кое се поставува е кои се причините за оваа одлука? Навидум името the Curve Hotel е одличен избор за трговска марка за хотел, особено ако се земе во вид и изгледот на хотелот кој е заоблен.

Но, според Европскиот завод за интелектуална сопственост, оваа трговска марка е спротивна на јавниот поредок, од причина што на романски јазик, терминот „Curve“ означува проститука, па оттука преводот на оваа трговска марка би бил Хотел за проститутки, што според Европскиот завод за интелектуална сопственост е вулгарно и навредливо. Имајќи го во вид фактот дека согласно правото на трговски марки на Европската Унија, доколку одредена трговска марка е навредлива во една од 27-те земји членки, Европскиот завод за интелектуална сопственост ќе ја одбие.

Сепак ова не е изолиран пример каде Европскиот завод за интелектуална сопственост не дозволил регистрација на трговска марка која го содржи зборот „Curve“. Постојат околу 50 пријави за трговски марки за различен вид на производи (од чешли до запалки) и кај речиси сите причината е значењето на зборот „Curve“ на романски јазик.

Интересно е да се напомене дека значењето на зборот „Curve“ и на македонски јазик е исто како и на романски, но со оглед на различната азбука (кирилица/латиница) и фонетиката, претпоставуваме дека според Државниот завод за индустриска сопственост истото не би било апсолутна пречка за признавање на правото на трговска марка на the Curve Hotel.

Leave a Reply