Уредување на географски ознаки за занаетчиски и индустриски производи

Географските ознаки претставуваат права од интелектуална сопственост кои служат за заштита производи што се поврзани со одредено географско подрачје. Преку заштитата на географските ознаки се внимава на двете страни. Од една страна на потрошувачите да не бидат доведени во заблуда во однос на потеклото на производот, а од друга страна им овозможува на производителите од одреден регион да ја заштитат репутацијата, знаењето и квалитетот поврзани со тоа место.

Заштитата на географските ознаки во принцип се однесува со земјоделски производи, вина и алкохолни пијалаци, но Европската Унија има посебна правна рамка и за занаетчиски и индустриски производи.

Географските ознаки за занаетчиски и индустриски производи се уредуваат со Регулативата (ЕУ) 2023/2411 за заштита на географски ознаки за занаетчиски и индустриски производи. Занаетчиските и индустриските производи може да бидат заштитени како заштитени географски ознаки кога одредена карактеристика на производот суштински се припишува на неговото географско потекло.

За едно име на производ да се квалификува како географска ознака, подносителот на пријавата мора да покаже јасна врска меѓу производот и географското подрачје било преку самото подрачје, начинот на производство или пак спецификацијата на производот. Пријавата најчесто ја поднесува група производители, иако во одредени случаи тоа може да го направи и поединечен производител.

EUIPO има главна улога при регистрацијата на географските ознаки за занаетчиски и индустриски производи. Пријавите може да се поднесуваат преку GIportal, а потоа пријавените или регистрираните имиња се внесуваат во Регистарот на Унијата за географски ознаки за занаетчиски и индустриски производи, кој го води EUIPO. Постапката може да опфати испитување, објавување, приговор, регистрација, поништување и жалба. По регистрацијата, секој производител кој се наоѓа во дефинираното подрачје и кој ја почитува спецификацијата на производот може да ја користи заштитената географска ознака.

Обемот на заштитата што ја дава регистрираната географска ознака е значаен. Заштитеното име не смее да се користи за производи што не потекнуваат од конкретното географско подрачје. Заштитата се однесува на злоупотреба и имитации што можат да ги доведат потрошувачите во заблуда.

Поништувањето исто така е важен дел. Регистрацијата на географска ознака може да биде поништена ако повеќе не соодветствува со спецификацијата на производот или ако производот повеќе не се пласира на пазарот под регистрираното име. Одлуките на EUIPO може да бидат предмет и на жалба, што им дава процесна заштита на засегнатите страни. На овој начин, правната рамка на ЕУ воспоставува рамнотежа меѓу заштитата на регионалните производители и интересите на конкурентите, потрошувачите и носителите на постари права.

Leave a Reply