Со Директива (ЕУ) 2023/2673, се менува Директивата за правата на потрошувачите 2011/83/ЕУ, на начин што, се воведува задолжителна електронска функција за повлекување од договори на далечина, склучени преку онлајн интерфејси. Новите правила ќе се применуваат од 19.06.2026 година и истите предвидуваат обврска за трговецот да обезбеди можност потрошувачот да се откаже од договорот, преку користење на функција за повлекување на нивните веб-страници за е-трговија.
Водечката идеја е дека е потребно на потрошувачите да им се овозможи да се откажат од договорот на едноставен начин, како што впрочем е и самото склучување на договорот.
Во пракса, ова значи дека онлајн интерфејсот што се користи за склучување на договорот мора да му овозможи на потрошувачот електронски да поднесе известување за повлекување од договорот.
Обврската за обезбедување функција за електронско повлекување, важи без оглед на тоа дали договорот е склучен преку сопствената веб-страница на трговецот или преку платформа на трета страна. Во двата случаи, трговецот мора да обезбеди потрошувачите да можат да користат функција за електронско повлекување и, доколку е потребно, мора договорно да ги обврзе операторите на платформата да го овозможат тоа.
Имено, функцијата за повлекување од договорот (withdrawal button) мора да ги исполнува следните критериуми:
– да биде јасно прикажана на онлајн интерфејсот;
– да биде лесно достапна за потрошувачите;
– да биде означена со зборовите „повлекување од договорот овде” или слична недвосмислена формулација;
– да остане достапна во текот на целиот период за повлекување.
Од особена важност е да се напомене дека овие барања се однесуваат на трговците со седиште во ЕУ кои продаваат стоки, услуги или дигитална содржина онлајн на потрошувачите, како и на трговците со седиште надвор од ЕУ чии онлајн активности се насочени кон потрошувачите од ЕУ.
Во оваа наоска, многу трговци на мало, од земјите кои не се членки на ЕУ, а кои ги насочуваат своите онлајн активности кон потрошувачи од ЕУ, исто така ќе треба да проценат дали нивните тековни процеси за склучување онлајн договори се усогласени со новиот стандард.

