Зголемена минимална плата за 2025 година

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во Република Северна Македонија објавен во Службен весник на Република Северна Македонија бр. 41/2022, утврдено е дека исплатената висина на минимална плата во бруто износ за месец март секоја година се усогласува со:

  • 50% од порастот на просечно исплатената нето-плата во Република Северна Македонија, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика, и
  • 50% од порастот на индексот на трошоците на живот, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.

Висината на минималната плата, не може да биде пониска од 57% од висината на просечно исплатената нето-плата во Република Северна Македонија за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.

Просечниот износ на исплатената месечна нето-плата за работник кој работи помалку од полното работно време се пресметува сразмерно со бројот на одработените часови во месецот.

Во просечниот износ на исплатената месечна нето-плата за работник, не се пресметува додатокот на плата за прекувремена работа.

Министерот за економија и труд, по претходно мислење од Економско-социјалниот совет, ја објавува висината на минималната плата во бруто износ во „Службен весник на Република Северна Македонија“, во месец март секоја година, која ќе започне да се исплатува со исплатата на платата за месец март во тековната година.

Имајки ги во предвид овие одредби од Законот за минимална плата во Република Северна Македонија, на ден 28.03.2025 година во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 68/25 Министерството за економија и труд ја објави висината на минималната плата за 2025 година, која за разлика од 2024 година е зголемена.

Според објавата, минималната бруто плата, почнувајќи од месец март 2025 година ќе изнесува: 36.037,00 денари, односно минималната нето плата, почнувајќи од месец март 2025 година ќе изнесува: 24.379,00 денари.