Нa 24 мај 2024 година, Светската организација за интелектуална сопственост (WIPO) го усвои Договорот за интелектуална сопственост, генетски ресурси и поврзано традиционално знаење. Станува збор за историски договор од причина што овој договор не само што е првиот нов договор на WIPO по повеќе од една деценија, туку и првиот што се занимава со генетските ресурси и традиционалното знаење што го поседуваат домородните народи, како и локалните заедници. Со донесувањето на овој Договор, се покажа дека системот за интелектуална сопственост може да продолжи да ги поттикнува иновациите додека се развива на поинклузивен начин, одговарајќи на потребите на сите земји и нивните заедници.
Имено, целта на овој договор е унапредување на ефикасноста, транспарентноста и квалитетот на патентните системи во однос на генетските ресурси и традиционалното знаење поврзано со генетските ресурси, нагласувајќи ја важноста националните заводи да имаат пристап до соодветни информации за генетските ресурси и традиционалните знаења поврзани со генетските ресурси, а се со цел да се спречи пронајдоци кои не се нови или инвентивни во однос на генетските ресурси и традиционалното знаење поврзано со генетските ресурси, да бидат заштитени со патент.
Суштината на овој Договор се состои во тоа да кога пронајдокот во пријавата за патент се заснова на генетски ресурси, секоја договорна страна ќе бара од барателите/пријавителите да ја откријат земјата на потекло или изворот на генетските ресурси. Кога пронајдокот во пријавата за патент се заснова на традиционално знаење поврзано со генетските ресурси, секоја договорна страна ќе бара од барателите да ги откријат домородните народи или локалната заедница, кои го дале традиционалното знаење. Генетските ресурси, ги има , на пример, во лековити растенија, земјоделски култури и животински раси. Додека самите генетски ресурси не можат директно да се заштитат како интелектуална сопственост, пронајдоците развиени со нивна помош можат, да бидат заштитени и тоа најчесто преку патент.
Секоја земја-членка на WIPO може да стане членка на овој Договор. Собранието може да одлучи да прими која било меѓувладина организација да стане членка на овој Договор, која изјавува дека е надлежна и има сопствено законодавство обврзувачко за сите нејзини членки за прашања опфатени со овој Договор и дека е соодветно овластена, во согласност со нејзините внатрешни прописи, да стане страна на овој Договор.
Овој Договор ќе стапи во сила три месеци откако 15 подобни страни ќе ги депонираат своите инструменти за ратификација или пристапување кон истиот.