Европската комисија изрече парична казна на Монделез Интернешнл инц. поради ограничувања на прекугранична трговија

Во своето известување до јавноста на 23 мај 2024 година, Европската Комисија соопшти дека е изречена парична казна од 337,5 милиони евра на компанијата Монделез, еден од најголемите производители на чоколади и колачи, заради повреда правилата за конкуренција на Европската Унија.

Постоењето на единствен внатрешен пазар во рамки на ЕУ им овозможува на трговците и препродавачите да набавуваат производи во земји-членки каде што производите имаат пониски цени и да ги продаваат во земји-членки каде што производите имаат повисоки цени, а нарушувањето на ваквиот начин на функционирање се смета за едно од потешките ограничувања на конкуренцијата.

Како дел од напорите на ЕК да се спречат вакви однесувања, во ноември 2019 година, била извршена ненајавена инспекција во просториите на Монделез во Австрија, Белгија и Германија, а во јануари 2021 година била отворена официјална истрага.

Во истрагата, Комисијата утврдила дека компанијата Монделез била вклучена во дваесет и два случаи на склучување на анти-конкурентски договори или усогласесно однесување, спротивно на членот 101 од Договорот за функционирање на Европската Унија. Овој договор забранува анти-конкурентски договори и усогласени однесувања што влијаат на трговијата помеѓу државите-членки на ЕУ и што може да предизвикаат спречување, ограничување или нарушување на конкуренцијата во рамки на внатрешниот пазар на ЕУ.

Во периодот од 2012 до 2019 година, Монделез постапил спротивно на овие одредби на начин што ја ограничил територијата или клиентите на кои седум трговци на големо (клиенти на Монделез) можеле да ги препродадат производите на Монделез. Еден од спорните договори вклучувал одредба со која на клиентите на Монделез им било наредено да определат повисоки цени за извоз со споредба со цените за домашниот пазар.

Во рамки на прекршувањата на членот 101, ЕК исто така утврдила и дека во периодот од 2006 до 2020 година, Монделез спречил десет ексклузивни дистрибутери во одделни земји-членки да одговорат на нарачки од клиенти во други земји-членки без претходна дозвола од Монеделез.

Дополнително, ЕК утврдила дека компанијата Монделез во периодот од 2015 до 2019 година ја злоупотребила својата доминантна позиција на пазарот спротивно на членот 102 од Договорот за функционирање на Европската Унија што ја забранува злоупотребата на доминантната позиција ако тоа влијае на трговијата во рамки на ЕУ или ако ја спречи или ограничи конкуренцијата.

Злоупотребата на доминантната позиција, Монделез ја сторил на начин што одбил да снабди со чоколадни табли брокер од Германија  и со тоа спречил препродажба на чоколадните табли на териториите на Австрија, Белгија, Бугарија и Романија каде што нивните цени биле повисоки и исто така го прекинал снабдувањето со чоколадни табли во Холандија со што оневозможил тие да бидат извезени во Белгија каде Моделез ги продавал по повисоки цени.

Со ваквото постапување, Монделез направил вештачка поделба на единствениот внатрешен пазар на Европската Унија спречувајќи ги трговците да купуваат производи во земји-членки каде што цената е пониска и истите производи да ги продаваат во земји-членки каде што цената е повисока.

Врз основа на вака утврдената фактичка состојба, Европската Комисија определила парична казна во висина од 337,5 милиони евра. Притоа, треба да се напомене дека во определувањето на висината на казната, Европската Комисија ги земала предвид степенот и траењето на направените повреди на европското законодавство и вредноста на продажбите што Монделез ги направил со овие повреди, со тоа што фактот што самата компанија ја признала својата вина и соработувала со ЕК придонел првично утврдената казна да биде намалена за 15% и истата да го добие конечниот износ од 337,5 милиони евра.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *