Почнува слободниот пристап до пазарот на труд во рамките на Отворен Балкан

Граѓаните на Република Северна Македонија, Србија и Албанија од 5 март 2024 можат да ја користат мерката слободен пристап до пазарот на трудот во рамките на Отворен Балкан.

Мерката произлегува од меѓународните договори потпишани меѓу Република Северна Македонија, Србија и Албанија како членки на иницијативата Отворен Балкан и тоа Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан, како и Договорот за интерконекција на шеми за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан.

Со потпишаните договори се овозможува отстранување на работните дозволи и слободен пазар на труд за граѓаните на Република Северна Македонија, Србија и Албанија. Со договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот, им се овозможува на граѓаните на споменатите држави да работат во која било од трите држави без да вадат работни дозволи, без бариери, без аплицирања и чекања, без административни трошоци.

Заинтересираните граѓани за слободен пристап до пазарите на труд на Република Северна Македонија, Албанија и Србија треба да извадат идентификациски број на Отворен Балкан на порталот за е-услуги во својата држава, со што потоа аплицираат за одобрение за слободен пристап до пазарот на трудот во останатите две држави, а следен чекор е со тој број да аплицираат за сертификат за слободен пристап до пазарот на труд во Србија или во Албанија.

Oдговорни институции за спроведување на мерката во Република Северна Македонија се Министерството за информатичко општество и администрација во делот на издавање идентификациски број за Отворен Балкан, Министерството за внатрешни работи во делот на издавање матичен број за странци и Агенцијата за вработување во делот за издавање сертификат за слободен пристап до пазарот на труд, со кој се овозможува вработување во Република Северна Македонија.

Со стартот на реализација на овие договори, на граѓаните ќе им се овозможува непречен престој од две години во кои имаат право да најдат работа.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *