Најнови измени на Кривичниот законик

На ден 29.08.2023 година Владата на Република Северна Македонија до Собранието на Република Северна Македонија поднесе Предлог на закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик согласно Националната програма за усвојување на правото на Европската Унија 2021-2025 година, според која програма Република Северна Македонија има обврска да ги усогласи законските прописи од кривичната област со најновите европски директиви и со меѓународните стандарди во оваа област.

Во Собранието на Република Северна Македонија на ден 06.09.2023 година по скратена постапка беа изгласани измените на Кривичниот законик, а истите беа објавени во Службениот весник на Република Северна Македонија на ден 07.09.2023 година. Измените предвидуваат намалување на казните за злоупотреба на службената положба и злосторничко здружување, се имплементира ново кривично дело „екоцид“, „промена на воден режим“, „недозволено работење на постројки“ и „загрозување на околината со бучава, вибрации или нејонизирачко зрачење“, како и се врши измена на голем број на членови со кои е предвидено зголемување на затворските казни за определен вид на кривични дела.

За првпат во Република Северна Македонија се воведува кривичното дело „екоцид“ со кое се предвидува дека определено лице доколку со намера предвизика штета на животната средина, преземе определено дејствие или пропушти да преземе дејствие поради кое ќе настане сериозна или широкораспостранета или долготрајна штета на животната средина, ќе се казни со затвор од најмалку 10 години или со доживотен затвор.

Понатаму, со измените во делот Кривилна дела против животната средина и природата се воведува и кривично дело – „промена на воден режим“ кое предвидува дека доколку определено лице ќе го промени или поремети водниот режим, со тоа не прави некое друго кривично дело за кое е пропишана потешка казна, ке се казни со парична казна или со затвор до една година. Доколку сторителот ќе го стори ова кривично дело на подрачје кое е прогласено за заштитено подрачје ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.

Голем број на измени се опфатени и во делот – Кривични дела против службената должност. Досегашниот став 5 од членот 353 од Кривичниот законик во кој беше определено казна затвор од најмалку пет години за службено лице кое со искористување на својата службената положба при вршење на јавни набавки или на штета на средствата од Буџеот ќе прибави за себе или за друг некаква корист со новите измени е избришан.

Понатаму за кривичното дело – „злосторничко здружување“ со најновите измени е предвидено дека тој што ќе создаде група или банда што има за цел вршење на кривични дела за кои може да се изрече казна затвор од три години или потешка казна, ќе се казни со затвор до три години. Секој припадник на групата или бандата со новите измени предвидено е да се казни со затвор до три години. Заразлика од новите измени кои се значително помали, претходните законските прописи за изрекување на казна затвор за овој вид на кривично дело беа од една до десет години за лицето што ќе создаде група или банда и казна затвор од шест месеци до пет години за припадникот на групата или бандата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *