Што предвидуваат новите измени и дополнувања на Законот за облигационите односи и Законот за извршување?

Собранието на Република Северна Македонија на седницата одржана на 18 јули 2023 година ги донесе и усвои Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи и Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување.  Донесените Закони за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи и Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување беа објавени во Службен весник на Република Северна Македонија бр. 154 од 20 јули 2023 година и стапија во сила со денот на објавувањето во службен весник.

Со донесените измени и дополнувања на Законот за облигационите односи се дополнува членот 266-а со нов став 8 со кој се предвидува следното: „ Кога износот на достасаната, а казнена камата ќе го достигне износот на главнината, каматата престанува да тече.“

Ваквото законско решение е преточено и во Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување каде е предвидено дека во членот 18 став, точка (1)  се додаваат зборовите: „односно до моментот кога неисплатената камата ќе го достигне износот од главниот долг.“

Со ваквото законско решение се предвидува горниот праг за наплата на каматата на износот на доспеана, а ненаплатена главница, при што законодавецот предвидел дека износот на неисплатената казнена камата престанува да тече кога ќе го достигне износот на главницата.

Покрај наведената измена, со членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи, се предвидува и измена на членот 368 од Законот за облигационите односи во поглед на застареноста на побарувањата. Новиот изменет член 368  гласи:

„(1) Сите побарувања што се утврдени со правосилна судска одлука или со одлука на друг надлежен орган или со порамнување пред суд или пред друг надлежен орган, застаруваат за пет години, од моментот на нивната извршност, како и побарувањата за кои во согласност со законот се предвидува пократок рок за застареност.

(2) Сите повремени побарувања, коишто произлегуваат од одлуки или порамнувања предвидени во ставот (1) на овој член и достасуваат во иднина, застаруваат во рокот предвиден за застареност на повремените побарувања.

(3) Застареноста на правосилна судска одлука или со одлука на друг надлежен орган, или со порамнување пред суд или пред друг надлежен орган прекинува со поднесување барање за извршување пред надлежен извршител, при што почнува да тече одново застареноста, која во извршната постапка трае десет години од моментот на поднесеното барање за извршување.“

Најголема контраверзност и контрадикторност на ваквото законско решение е членот 4 од донесениот Закон за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи каде е предвидено дека „Започнатите постапки за наплата на побарувања предвидени во членот 2 од овој закон ќе завршат во согласност со овој закон.“

Ваквите законски решенија предвидени во Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи и Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување сметаме дека се несообразни и на штета на интересите на доверителите од причина што се ограничува износот на казнената камата која доверителите можат да ја наплатат, се крати периодот на застареност за поведување на постапките за извршување од страна на самите доверители, како и се ограничува периодот во кој извршувањето може да се изврши, па со тоа се дава заштита и привилегирана положба на должниците.

Компаративните законските решенија во другите законодавства укажуваат дека рокот за застареност на постапките за извршување е 20 па дури и 30 години, па оттука нејасно е зошто законодавецот предвидел скратување на рокот за застареност на извршната постапка од 10 години од моментот на поднесеното барање за извршување.

Би сакале да истакнеме дека ваквите законски решенија се во спротивност со Уставот на Република Северна Македонија  со кој  се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото и се предвидува дека Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, при што слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Со измените на законите, се нарушува еднаквата положба помеѓу должниците и доверителите, а особено доверителите се ставени во многу полоша положба ако се има предвид дека е предвидено ретроактивно дејство на донесениот Закон за извршување, и утврдено е дека ќе се применува и на веќе започнатите постапки за наплата на побарувањата.