Што предвидува новиот нацрт Закон за работните односи во делот на Договорите за вработување на определено време?

Со новиот нацрт на Закон за работните односи, се прави промена на одредбите од постоечкиот Законот за работни односи во делот на договорите за вработување на определено време а се со цел да се обезбеди поголема сигурност и пристапот на правата на работниците.

Согласно новиот нацрт Закон за работните односи, се определува дека Договор за вработување, по исклучок, може да се склучи и за време чие траење однапред е определено (работен однос на определено време), за вршење на исти или различни работи кај ист работодавач, но најмногу за непрекинат период до две години. Прекинот помеѓу два последователни договори за вработување на определено време пократок од два месеци, нема да се смета за прекин на периодот од две години. Во рамките на периодот од две години, работодавачот и работникот може да склучат најмногу три договори за вработување на определено време.

По исклучок, договорот за вработување на определено време може да трае и подолго од две години, ако тоа е потребно заради замена на привремено отсутен работник до неговото враќање на работа, вршење на сезонска работа во согласност со член 36 и вршење на повторливи сезонски работи во согласност со член 37.

Работниот однос заснован со договор за вработување на определено време, се трансформира во работен однос на неопределено време, ако работникот продолжи да работи кај работодавачот по истекот на две години или ако спротивно на ограничувањето (да склучат најмногу три договори во текот на две години), работодавачот и работникот склучат нов договор за вработување на определено време.Трансформацијата од определено време на неопределено време ќе се применува и во случај на склучување на договор за вработување на определено време за замена на привремено отсутен работник, доколку за времетраење на таквата замена, работниот однос на привремено отсутниот работник престане.

Доколку работникот продолжи да работи кај работодавачот по истекот на рокот за кој бил склучен договорот за вработување на определено време, ќе се смета дека засновал работен однос на неопределено време.

Со ваквото ново предлог законско решение, од една страна се обезбедува  заштита на работниците од можна злоупотреба од страна на работодавачите да ги држат во неизвесност работниците дали ќе им биде продолжен работниот однос (ако се има во предвид дека денешната пракса покажува дека договорите за вработување на определено време најчесто се склучуваат за период од еден до три месеци, па согласно потребите на работата, истите се продолжуваат повторно на краток период), а од друга страна може и да им ги ограничи правата од работниот однос, бидејки не секогаш се склучува нов договор за вработување со кој се продолжува само рокот на важност на истиот.  

Намалувањето на периодот за кој може да се склучи договор за вработување на определено време од сегашниот закон за работните односи ( 5 години) на 2 години е доволен период во кој работодавачот може да утврди дали има потреба од работникот, дали работникот ги исполнува работните задачи и критериумите за работа и дали истиот треба да продолжи да работи кај работодавачот на неопределен период.

Она што сметаме дека треба да се доуреди со новиот Закон за работните односи во овој дел, е да нема ограничување во рамките на периодот од две години односно работодавачот и работникот да можат да склучат договори за вработување на определено време онолку пати колку што е потребно во тој период, нормално, се со цел да се овозможат поголеми права и на работникот и на работодавачот, бидејки како што напоменавме, не секогаш се склучува нов договор за вработување со кој се продолжува само рокот на важност на истиот. 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *