Со најновите предложени измени и дополнување на Законот за авторско право и сродните права (ЗАПСП) , чија цел е усогласување со т.н. Дигитална директива на ЕУ, се предвидува и заштита на публикации во печатот што се однесуваат на онлајн употреба. Имено, издавачот на информативни публикации не може да се повика на своето право како издавач на информативни публикации против носителите на авторското или сродни права на авторски дела и предмети на сродни права вклучени во неговата информативна публикација, а особено не може повикувајќи се на своето право како издавач на информативна публикација да ги спречи да го користат своето авторско дело и предметите на своите сродни права независно од информативната публикација во која се вклучени. Понатаму предложените измени на ЗАПСП предвидуваат дека секој кој на каков било начин јавно пренесува дневни вести и други вести што имаат карактер на обични медиумски информации, а што нема да се сметаат за авторско дело, како и други медиумски информации за кои дознал од јавно објавени извори, должен е во својата објава јасно и на видлив начин да ги означи името на издавачот на информативна публикации или радиодифузна организација или организацијата за емитирање или на издавачот на друг медиум или електронскиот медиум кој прв ги објавил дневните вести, другите вести или другата медиумска информации и име и презиме на новинарот кој се потпишал, доколку тоа е во согласност со вообичаената практика во медиумско известување.
Народните книжевни и уметнички творби во изворна форма неа се сметаат за авторско дело во смисла на ЗАПСП, но за нивно соопштување на јавноста ќе се плаќа надоместок, како и за соопштување на авторските дела што се предмет на заштита. Овие надоместоци ќе се користат за поттикнување на соодветно уметничко и културно творештво од претежно некомерцијална природа и културна различност во соодветната уметничка и културна област. Ваков надоместок нема бидат должни да плаќаат институциите за заштита на културното наследство како што се националните библиотеки, архиви, како и библиотеките и архивите на образовните и научните институции кои што се јавно достапни и библиотеките и архивите на јавните радиодифузни сервиси.