Прaктични совети за развивање и заштита на вашиот онлајн бренд

Заштитата на правата од индустриска сопственост, а особено заштитата на трговските марки во последно време добива на значење. Ова од причина што со развој на онлајн трговијата, зголемената фреквенција на онлајн содржини и различните предмети на продажба, стана критично за новите претприемачи да се воспостави начин на долготрајна заштита на брендовите кои ги бираат за својот онлајн бизнис.

Но, значајно е да се напомене дека брендот, односно бренд идентитетот не е само трговската марка, туку истиот се состои од име, лого, слоган, боја, дизајн и слично. Поголемиот дел од овие елементи може да бидат предмет на заштита на правото на трговски марки во поголемиот број на држави низ светот.

Од аспект на правилна заштита на трговските марки, сметаме дека има неколку совети кои може да бидат корисни за новите претприемачи.

Со цел да се избегне поклопување со веќе постоечки трговски марки, наша сугестија е при изборот на слогани да се избегнуваат генерички термини, односно термини со кои се опишуваат добрата и услугите за кои се однесува трговската марка.

Наша следна препорака е да се воздржувате од избор на фрази како „Најдобар“, „Одличен“, „Супер“ и сл., од причина што истите нема да послужат во добивање на поголема или подобра заштита.

Пред да се поднесе пријава за трговска марка, не само за онлајн бизнисите, туку и за редовните бизниси, речиси секогаш сугерираме да се направи официјално пребарување во регистрите. Покрај официјалното пребарување, постои можност и за неофицијално пребарување на онлјан базите, кое вообичаено е бесплатно, но резултатите од истото може да отстапуваат од фактичката состојба во регистрите.

Заштитата на трговските марки дава ексклузивно право на користење побрзано со специфични добра или услуги, под услов да не постојат претходно пријавени слични и/или идентични трговски марки за истите добра или услуги. При правењето на пребарување значајно е точно да се определи регионот и класите на стоки и услуги.

Резултатите од пребарувањето се силен индикатор за тоа во која насока треба да се движи заштитата на трговската марка. Пропуштањето на овој чекор може да доведе до значителни правни и финансиски проблеми во иднина, а особено во ситуација кога веќе е создаден бренд идентитет.

Конечно, градењето на бренд во светот на социјалните мрежи и платформи, претпоставува и обезбедување на име на домен кое е усогласено со трговската марка.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *