Измени на Законот за здруженија и фондации

Поттикнати од актуелните случувања во Република Северна Македонија, а со цел попрецизно регулирање на начинот и целите на функционирање на здруженијата на граѓани и фондациите, во Службен Весник на Република Северна Македонија  бр. 239/2022 од 08.11.2022, објавени се измени и дополнувања на Законот за здруженија и фондации кои влегоа во сила на 16.11.2022 година. Со донесените измени се забранува граѓански здруженија и фондации да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, третиот рајх итн. Со измените и дополнувањата на Законот за здруженија и фондации предвидено е дека: се забранува упис на организација и основање на организација ако називот, името, скратеното име, програмата, целите, дејностите и нејзиното дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Северна Македонија, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна, верска омраза или друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка, поттикнување и одобрување на фашизам, нацизам, национал-социјализам и Третиот рајх, преземање на активности поврзани со тероризам, преземање на активности кои се спротивни на Уставот или на законот и преземање на активности со кои се повредуваат слободите и правата на други лица.

Со измените и дополнувањата на Законот, исто така е предвидено дека како име, скратено име и/или назив на организација не можат да бидат употребувани имиња, презимиња, прекари, псевдоними, кратенки и иницијали на лица кои по која било основа, начин или форма биле или се поврзани со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстреминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал-социјализам и Третиот рајх.

Она што е особено битно е дека законот има ретроактивно дејство и се применува и на здруженијата и фондациите кои се веќе регистрирани, при што организациите регистрирани согласно со одредбите на Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Македонија“ број 52/10, 135/11 и 55/16), се должни во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на измените и дополнувањата на законот да ги усогласат своето име и/или назив, скратено име, програма, цели и дејности пред Централниот регистар на Република Северна Македонија.