Нов Закон за платежни услуги и платни системи

На ден 12 април 2022 година беше донесен новиот Закон за платежни услуги и платни системи, а истиот стапи на сила на ден 01.01.2023 година. Со донесувањето на овој Закон се врши усогласување на домашното законодавство со директивите на Европската Унија во однос на платежните услуги („PSD2“ директива) со кое се овозможува на физичките и правните лица сигурен и ефикасен платен систем усогласен со платните системи на земјите членки на Европската Унија.

Со новиот Закон се овозможува на пазарот покрај банките кои досега се јавуваат како основни платежни институции за извршување на услуги во платниот промет и издавањето на електронски пари, да се појават и нови домашни и странски платежни институции врз основа на Одлука на Народната банка на Република Северна Македонија.

Како значаен новитет опфатен со новиот Закон е воведувањето на платежна сметка со основни функции преку која ќе може да се извршуваат платежни трансакции за намирување на вообичаените обврски (сметки за вода, електрична енергија, греење и сл.) и трансфер на парични средства на друго лице, без користење дозволено пречекорување.

За корисниците од ранливите категории платежната сметка со основни функции ќе биде без надоместок, додека пак за останатите граѓани надоместокот нема да биде повисок од 0,1 % од просечната нето – плата исплатена во последните дванаесет месеци.

Со Законот особено внимание се посветува и при давањето на попусти поради употреба на одреден платен инструмент. Имено, давателот на платежни услуги нема право да понуди попуст на корисникот на платежните услуги доколку платежните трансакции се извршуваат во готовина. Во случај кога за употреба на одреден платен инструмент, примачот наплатува надоместок или нуди попуст, примачот за тоа треба да го извести плаќачот пред иницирањето на платежната трансакција.

Со новите законски решенија ќе се поттикне влез на нови даватели на платежни услуги а со тоа ќе се зајакне конкуренцијата на пазарот и ќе се зголеми понудата на подостапни платежни услуги за граѓаните и компаниите.

Дополнително, со воспоставувањето на новата обврска на даватели на платежни услуги за континуирано доставување на податоци за висината на надоместоците до Народната Банка на Република Северна Македонија ќе се зголеми транспарентноста при што потрошувачите во секое време ќе имаат достапни информации за висината на надоместоците од различни даватели на платежните услуги.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *