Измени на Законот за земјоделско земјиште и Законот за градење со кои се олеснува поставувањето на фотоволтаици

Согласно предлог измените на Законот за земјоделско земјиште, фотонапонски панели ќе може да се поставуваат на земјоделско земјиште од класа пет до класа осум, за разлика од моменталните одредби кои предвидуваат поставување на фотоволтаици на градежно земјиште со намена 1.13, на кој начин се овозможува искористување на земјоделското земјиште во производството на електрична енергија.

Имено, со овие предлог измени не се нарушуваат основните цели на Законот за земјоделско земјиште, односно не се оспорува заштитата на земјоделското земјиште и неговото рационално користење како ограничен природен ресурс.

Дополнително, со Предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделско земјиште, покрај можноста за изградба на фотонапонски панели на земјоделско земјиште, истовремено се предлага менување на потребната документација која барателот треба да ја достави.

Производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија (сончева енергија) за сопствена потрошувачка, во последно време е се поактуелно, а со последните законски измени и особено во услови на енергетска криза, целокупниот процес на поставување на фотонапонски централи на покривот на домаќинствата, станбените згради и деловните објекти е мошне поедноставен. 

Една од позначајните измени во оваа насока се и измените на Правилникот за обновливи извори на енргија, согласно кои се овозможи наместо досегашните 4 kW, се предлага инсталираната моќност на постројката за производство да не е поголема од 6 kW за домаќинствата и заедницата на станари и наместо досегашните 20 kW, инсталираната моќност на постројката за производство да не е поголема од 40 kW, за мал потрошувач, буџетски корисник и единка корисник.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за градење (објавен во Службен весник бр.227 од 26.10.2022 година), всушност се пристапува кон поедноставување на постапката за поставување на фотонапонски централи на објектите и тоа до 6 KW за домаќинствата и заедницата на станари и до 40 KW за стопанските субјекти.

Имено, поедноставената постапка за поставување на фотонапонски електроцентрали на објекти, од страна на потрошувачи-производители кои произведената електрична енергија ја користат за сопствена потрошувачка, а вишокот на произведената енергија го предаваат во електродистрибутивна мрежа, подразбира дека повеќе нема да биде потребно издавање на решение за поставување на опрема (фотонапонска централа) од општината, туку доволно ќе биде само да се извести општината и да се достават потребните документи. Имено, ќе треба да се поднесе извод од Централен регистар доколку се работи за правно лице или копија од лична карта ако се работи за физичко лице. Исто така, ќе биде потребен и имотен лист за објектот или договор со сопственикот на објектот, како и основен проект за поставување на фотонапонска централа.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *