Законот за домување го уредува управувањето со станбените згради, начинот на управување и одржување на објектите, видовите на објекти во домувањето, односите меѓу сопствениците на посебните делови и трети лица, заедницата на сопственици, закупничките односи во домувањето, правата и обврските на Републиката, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје во домувањето, инспекцискиот и управниот надзор, како и други прашања од областа на домувањето.
Под управување со станбени згради се подразбира следење и спроведување на одлуките донесени од собирот на сопствениците на посебните делови во зградата, застапување во правниот промет и во постапките пред надлежните органи со цел за функционирање, одржување и зачувување на заедничките делови на станбената зграда.
Работите на управување може да ги врши управител или самите сопственици на посебни делови преку регистрирана заедница на сопственици. Во секој случај, сопствениците на посебни делови се должни да донесат одлука со која ќе одлучат дали работите на управувањето ќе ги доверат на управител или на заедницата на сопственици.
Со цел да се преземаат работи на управување со станбени згради, управителот е должен да поседува лиценца која ја издава Регулаторната комисија за домување како надлежен орган. Лиценцата може да биде издадена на физичко или правно лице кое ги исполнува законски определените услови.
Имено, правно лице кое сака да ја извршува дејноста управител мора да биде регистрирано во Централниот регистар на Република Северна Македонија со минимален паричен влог од 5,000 евра во денарска противвредност.
Дополнително, правното лице мора да има најмалку три вработени, од кои барем еден со високо образование во областа право или економија и двајца со најмалку средна стручна подготовка.
Постапката за добивање на лиценца за управител се поведува со поднесување на Барање до Регулаторната комисија за домување и истата трае околу 7 работни дена доколку барањето и доставените прилози се целосни и веродостојни.
Лиценцата за управител се издава со период на важност од пет години. Во рок од 30 дена пред истекот на лицанцата, управителот може да поднесе Барање за нејзино продолжување до Регулаторната комисија за домување. Доколку барањето е одобрено, лиценцата се продолжува повторно за период од пет години.