Предложени измени на Законот за трговските друштва во поглед на принудното купување и продавање акции и холдингот како форма на поврзување на друштвата

Меѓу позначајните области кои се уште не се регулирани со Законот за трговските друштва се принудното купување и продавање акции или т.н. „истискување“ кај акционерските друштва со доминантна и концентрирана сопственичка структура каде еден мнозински акционер поседува над 95% од акциите со право на глас, како и холдингот како форми на поврзување на друштвата.

Обид за решавање на проблемот со кој до сега се соочуваа акционерските друштва во Република Северна Македонија претставуваат предложените измени и дополнувања на Законот за трговски друштва. 

Имено, целта на предложените измени е регулирање на принудното купување и продавање акции или т.н. „истискување“ во Законот за трговските друштва, како мошне значајно прашање за малцинските акционери и за доминантниот акционер кој поседува над 95% од акциите со право на глас, низ воспоставување точно и прецизно пропишана законска процедура како да го остварат „истискувањето“ т.е. своето право на принуден откуп, односно право на продажбата на акциите, со развивање фер процеси на вреднување на цената на акциите и гарантиран рамноправен третман на акционерите.

Принудното купување и продавање акции или т.н. „истискување“ во Законот за трговските друштва е значајно да се регулира, бидејќи како резултат на концентрираната сопственичка структура кај одредени акционерски друштва постои ниска ликвидност на нивните акции на берзата, како и мало учество на акциите во посед на јавноста. Оттука, во процесот на „истискување“ треба јасно да се пропишат и дефинираат обврските на доминантниот акционер што вклучува обврска за задолжително купување на акциите на малцинските акционери, односно соодветно да се пропишат и правата на малцинските акционери да бараат принудна продажба на нивните акции на доминантниот акционер во законска процедура која обезбедува фер, транспарентен и коректен третман.

Кога станува збор за холдингот, во постојната законска регулатива, холдингот, односно концернот, како посебна форма на организирање и работење на трговските друштва не е експлицитно дефиниран.

Законското нормирање на холдингот, односно концернот и уредување на прашањата кои се однесуваат за неговото функционирање, а особено даночниот третман за овие субјекти, може значително да придонесе за поедноставување и подобрување на примената на постојните законски одредби со кои е регулиран начинот на функционирање на овие форми на поврзување меѓу трговските друштва, значително подобрување на деловните резултати кај овие субјекти, како и унапредување на нивното работење во земјата, што ќе обезбеди понатамошен економски раст и унапредување на економскиот систем.

Со досегашната примена на одребите од Законот за трговските друштва кои ја регулираат оваа материја, неспорно е воочена потребата да се уредат одредени сегменти, прашања и специфичности за функционирањето на холдинг компаниите, односно концерните, пред се од аспект на нивно управување, преку склучување соодветни договори помеѓу друштвата. Растот и унапредувањето на работењето на деловните субјекти ја поставува како нужност потребата од поврзување на трговските друштва и овозможување за таквите посебни трговски ентитети да биде уреден посебен режим на функционирање, кој ќе биде приспособен на специфичностите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *