Правно мислење во врска со правото на регрес за штета причинета од неосигурано моторно возило усвоено од Врховниот суд на Република Северна Македонија

На ден 06.10.2021 година одржана е работна средба на граѓанските оддели на четирите Апелациони судови во Република Северна Македонија, на која е усвоен Заклучок со кој бараат Врховниот суд на Република Северна Македонија да се произнесе по правното прашање кој е активно легитимиран да поднесе тужба за регресен долг од неосигурано возило.

Со цел обезбедување на единствена примена на Законот за задолжително осигурување во сообраќајот и воедначување на судската практика, постапувајќи по доставениот Заклучок, Врховниот суд на Република Северна Македонија на ден 30.05.2022 година усвои Правно мислење според кое право на регрес во висина на исплатената штета причинета од неосигурано моторно возило има само Националното Биро за осигурување.

Според член 64 од Законот за задолжително осигурување во сообраќајот, Бирото има право на регрес во висина на исплатената штета заедно со камата и трошоци од сопственикот на неосигуреното моторно возило, воздухоплов, пловен објект и сопственик на превозно средство во јавен сообраќај, односно од лицето кое ја предизвикало штетата. Сопственикот, односно лицето кое ја предизвикало штетата се подеднакво одговорни кон Бирото.

Во оваа насока, според мислењето на Врховниот суд, единствено Националното биро за осигурување има право на регрес на исплата на штета поради неосигурано моторно возило, а не и друштвата за осигурување кои вршат работи на задолжително осигурување.

Согласно член 16 став 1 од Законот за задолжително осигурување, со осигурувањето од автомобилска одговорност се опфатени и штетите предизвикани со употреба на моторно возило од неовластено лице, а според став 3 на истиот член, друштвото за осигурување што ќе ја надомести штетата предизвикана со употреба на моторно возило од страна на неовластено лице има право на регрес за исплатениот износ на надомест на штета заедно со камата и трошоци создадени на тој начин од неовластеното лице.

Оттука, следи заклучокот дека при постоење на јасна законска регулатива, по член 64 од Законот за задолжително осигурување во сообраќајот, за штета предизвикана од неосигурано моторно возило, право на регрес за исплатениот износ има Националното Биро, а по член 16 од истиот Закон, за штета предизвикана со употреба на моторно возило од неовластено лице, право на регрес за исплатениот износ има друштвото за осигурување.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *