Стандардни договорни клаузули согласно Законот за заштита на лични податоци

Во ера на глобална дигитализација и развој на технологијата настануваат и значителни промени во областа на заштитата на личните податоци, како на меѓународно така и на национално ниво, оттука потребно е континуирано да се изнаоѓаат начини за уредување на правните прашања кои произлегуваат од развојот на современото општество, преку нужно прилагодување на начинот на собирање, користење, употреба, обработка и пренос на личните податоци со правила, норми и насоки кои ќе обезбедат зголемена правната сигурност во правните односи.

Законот за заштита на личните податоци (Службен Весник на РСМ бр.42/20) предвидува можност за утврдување на стандардни договорни клаузули од страна на Агенцијата за заштита на лични податоци, со цел подробно и детално уредување на определени прашања.

Врз основа на тоа, Агенцијата за заштита на лични податоците донесе Одлука за утврдување на стандардни договорни клаузули помеѓу контролорите и обработувачите и Одлука за утврдување на стандардни договорни клаузули за пренос на лични податоци во трети земји (Службен весник на РСМ бр. 280/21).

  1. Одлука за утврдување на стандардни договорни клаузули помеѓу контролорите и обработувачите

Имено, Законот за заштита на личните податоци и подзаконските акти ги поставува Контролорот и Обработувачот како главни столба кои се носители на обврските и одговорностите кои произлегуваат од Законот за заштита на личните податоци, од која причина уредувањето на нивниот меѓусебен однос е од исклучителна важност.

Согласно членот 32 од ЗЗЛП, Агенцијата за заштита на личните податоци донесе Одлука за утврдување на стандардни договорни клаузули помеѓу контролорите и обработувачите  (Службен весник на РСМ бр. 280/21), со кои се обезбедува законски задолжителниот договорен однос помеѓу нив.

 Со стандардните договорни клаузули помеѓу контролорите и обработувачите се овозможува целосно и детално уредување на прашањата за меѓусебните права и обврски на контролорот и обработувачот.

Согласно Oдлуката, стандардни договорни клаузули не се задолжителни за употреба односно може да се користат. Mеѓутоа дадена е јасна насока дека Договорите помеѓу контролорите и обработувачите, склучени пред донесувањето на одлуката, треба да се усогласат во рок од 6 месеци, од влегувањето во сила на одлуката, со законот и прописите донесени врз основа на законот, а како што е и конкретната одлука.

На таков начин произлегува дека и без директна употреба на стандардните договорни клаузули, потребно е усогласување на постоечките договори со нивната содржина.

Во стандардните договорни клаузули се предвидува дека не треба да се менува нивната содржина, сепак истите можат да бидат вклучени во поширок договор и/или дополнети со други договорни клаузули и заштитни мерки под услов тие да не се директно и индиректно во спротивност со клаузулите и со нив да не се повредуваат основните права или слободи на субјкетите на лични податоци.

  • Одлука за утврдување на стандардни договорни клаузули за пренос на лични податоци во трети земји

Преносливоста на личните податоци е карактеристика на личните податоци која овозможува движење на податоците од еден до друг субјект со цел нивна обработка со што се остварува нивна широка употреба, а без соодветни механизми за заштита на личнте податоци при нивниот пренос- приватноста може лесно да биде компромитирана.

Оттука, врз основа на членот 50 од Законот за заштита на личните податоци, Агенцијата за заштита на лични податоците донесе Одлука за утврдување на стандардни договорни клаузули за пренос на лични податоци во трети земји (Службен весник на РСМ бр. 280/21).

Со стандардни договорни клаузули за пренос на лични податоци во трети земји, Агенцијата обезбедува соодветни заштитни мерки согласно членот 50 од Законот за заштита на лични податоци, со кои се овоможува контролорот или обработувачот да пренесе лични податоци во трета земја или меѓународна организација во случаите кога не е донесена одлука за соодветност од страна на Агенцијата согласно членот 49 од Законот за заштита на личните податоци.

Содржината на стандардните договорни клаузули не се менува освен за избор на соодветниот модул, со оглед на фактот што клаузулите вклучуваат: модул за пренос од контролор до контролор;  модул за пренос од контролор до обработувач; модул за пренос од обработувач на обработувач и модул за пренос од обработувач на контролор. Во секој случај истите може да се вклучат во поширок договор и/или да се дополнат со други клаузули, се додека со тоа не се постапува спортивно на содржината на самите договорни клуаузли. Може да се заклучи дека со гореобјаснетите одлуки на Агенцијата за заштита на личните податоци се овозможува националната регулатива да се приближи еден чекор поблиску до европското право и да хармонизира, а воедно се овозможува и подобра заштита на личните податоците.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.