На ден 14.02.2022 година, Државниот завод за индустриска сопственост (ДЗИС) го објави Документот за практитката (СРЗ), кој е резултат на заедничките напори на ДЗИС и Заводот за интелектуална сопственост на Европската унија (ЕУИПО), а како дел од активностите во рамките на меѓународната соработка. Целта на овој документ е да се зголеми конзистентноста, транспарентноста, правната сигурност и предвидливоста во интерес како на корисниците, така и на испитувачите.
Имено, врз основа на овој документ се определува кога фигуративните трговски марки коишто содржат само описни/недистинктивни зборови, ги исполнуваат условите за признавање при испитување на апсолутните причини за одбивање на пријавата за регистрација на трговска марка, бидејќи фигуративните елементи се доволно дистинктивни.
Така на пример, фигуративните елементи кои најчесто се користат или се вообичаени во прометот во однос на производите и/или услугите за кои е побарана регистрација, не му даваат дистинктивен карактер на знакот како целина.
Согласно нововоспоставената практика, описни (недистинктивни) вербални елементи кои се појавуваат во основни, стандардни фонтови, букви или ракописни фонтови – со или без ефект (задебелени, закосени) не се регистрираат како трговски марки.
Доколку стандардните фонтови вклучуваат елементи на графички дизајн како дел од буквите, тие елементи треба да бидат доволно впечатливи во однос на трговската марка како целина, како би ја направиле дистинктивна.
Во оваа насока, ваквите елементи ќе бидат доволни за знакот да може да се регистрира како трговска марка кога на потрошувачот ќе му остават силен впечаток за знакот, односно ќе му го одвлечат вниманието од описното значење на вербалниот елемент.
Кога фигуративниот елемент што е дистинктивен сам по себе се додава на описен и/или недистинктивен вербален елемент, тогаш трговската марка може да се регистрира, под услов споменатиот фигуративен елемент да е јасно препознатлив во знакот, поради неговата големина и положба.
Дополнително, додавањето на боја на описниот (недистинктивен) вербален елемент, на буквите или како позадина, не е доволно за знакот да добие дистинктивен карактер и да се регистрира како трговска марка, освен по исклучок доколку се работи за одреден распоред на бои кој е специфичен и може лесно да се запомни од просечниот потрошувач.
Овој документ ќе се применува од 14 март 2022 година.