Концептот на супсидијарна и солидарна гаранција согласно Законот за облигационите односи

Нашата судска пракса покажува дека честопати предмет на спор е самата форма на гарантирање. Имено, во судските постапки се поставува прашањето дали гарантот има статус на гарант платец или станува збор за супсидијарен гарант чии обврски спрема доверителот настануваат во случај кога доверителот ќе докаже дека не може да го наплати побарувањето од главниот должник.

Законот за облигациони односи, во членот 1043 ги предвидува и двете форми на гарантирање, односно и супсидијарната и солидарната гаранција.

Согласно одредбите од член 1043 од Законот за облигационите односи, доколку гарантот преземе обврска како супсидијарен гарант, доверителот има право да се обрати до гарантот за наплата единствено откако ќе докаже дека не може да го наплати своето побарување од главниот должник, односно кај супсидијарната гаранција од гарантот може да се бара исполнување на обврската дури откако главниот должник не ќе ја исполни во рокот определен во писмениот повик.

Во поглед на супсидијарната гаранција од исклучително значење е да се истакне дека докажувањето на доверителот за неможноста да ги намири своите побарувања од главниот должник не е условено од постоење на правосилна судска Пресуда како доказ дека главниот должник не е во можност да ја исполни својата обврска спрема доверителот, туку доволно е доверителот да докаже дека главниот должник не ја исполнил обврската во рокот определен во писмениот повик.

За разлика од супсидиерната, по основ на солидарна гаранција, гарантот за обврските на главниот должник одговара солидарно со него. Во овој случај гарантот има статус на гарант платец и по основ на ова доверителот може директно да го повика гарантот за наплата на своето побарување.

Концептот на гарант-платец му овозможува на доверителот веднаш после доспевањето на побарувањето да се обрати до било кој од солидарните должници или до двајцата истовремено.

По исполнувањето на обврската спрема доверителот, се гасне
облигацијата по основ на главниот договор, а гарантот-платец има право на регрес од главниот должник.

Во имплементацијата на концептите на солидарна и супсидијарна
гаранција, законодавецот тргнал и од карактерот на облигацијата. Оттука, законодавецот направил дистинкција помеѓу граѓанските и трговските трансакции водејќи се од субјектите кои влегуваат во облигационен однос и карактерот во смисла дали станува збор за профитабилна или потрошувачка трансакција за задоволување на потребите на потрошувачите.

Водејќи се од природата и обемот на трговијата, законодавецот со право го предвидел решението што се однесува на трговските договори.  

Иако тој ја дал можноста за поинакво уредување на односите од гарантирањето кај трговските трансакции (предвидел диспозитивен карактер на решенијата), сепак како правило предвидел генерално решение и тоа: гарантот за обврска настаната од трговски договор  одговара како гарант-платец, ако не е договорено нешто друго.


Ваквото законско решение подразбира дека кај трговските договори, доверителот директно може да се обрати до гарантот без да го повикува главниот должник. Во овие ситуации гарантот му одговара на доверителот како главен должник за целата обврска. Доверителот може да бара нејзино исполнување било од главниот должник, било од гарантот или од двајцата во исто време (солидарна гаранција).

Можеме да сумираме дека  по правило, во трговските договори, ако не е поинаку договорено одговорноста на гарантот секогаш е солидарна.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *