Слободната конкуренција е иманентнa за современото општество – разговор со авторите на книгата „Коментар на Законот за заштита на конкуренцијата“

Со објавувањето и на книгата Коментар на Законот за заштита на конкуренцијата се надеваме дека ќе придонесеме за збогатување на македонската правна литература во една област во која нема многу научни и стручни трудови, не само кај нас туку и во регионот, велат д-р Валентин Пепељугоски и д-р Ана Пепељугоска-Костовска, автори на новото издание на Академик. Новата книга, која дава исклучителен придонес кон правната литература за најзначајните прописи во областа на заштитата на конкуренцијата во нашата држава, е повод за разговор со двајцата автори.

Колку е важно прашањето за конкуренцијата на глобално ниво, особено во развиените западни демократии?

Слободната или ефективната конкуренција се иманентни за современото општество и пазарот. Врската помеѓу конкуренцијата и пазарното стопанство е до таа мера од суштествено значење што можеме да кажеме дека конкуренцијата во извесна смисла е и синоним на слободниот пазар. Се разбира, ова е состојбата во западните демократски општества, каде што функционира принципот на rule of law и каде што и најголемите светски компании многу често потпаѓаат под ударот на законите за конкуренцијата.

Дали е тоа така и на домашен план и зошто е важно да се стави акцент на ова прашање, како од правен така и од поширок општествен аспект?

За жал, кај нас состојбата не е „розова“. Тоа е оцена и на Европската комисија, која наведува дека Комисијата за заштита на конкуренција (КЗК) нема соодветни административни и извршни капацитети, како од кадровски така и од финансиски (буџетски) аспект. За жал, оваа состојба се повторува веќе неколку години. Работата на КЗК е претежно фокусирана во делот на издавање на решенија за концентрација, а во побитните области (картелни спогодби/договори, злоупотреба на доминантна положба и сл.) речиси и да нема активност (1-3 предмети годишно).

Какви теми опфаќа овој значаен труд?

Бидејќи се работи за коментар на Законот за заштита на конкуренцијата, логично е да ја следи содржината на законот. Меѓутоа, доминира делот за нарушување на конкуренцијата (забранети договори, одлуки и усогласено однесување), доминантната позиција на пазарот и нејзината злоупотреба, настанувањето на концентрациите, суспендирањето на концентрациите и нивната оцена. Во Коментарот ставовите се поткрепени со домашна и странска судска и/или административна пракса. Особено значајно е компаративното право на земјите членки на ЕУ и на самата ЕУ, како и судската пракса од овие држави, бидејќи нашиот закон е усогласен со Договорот за функционирање на ЕУ и регулативите и директивите од оваа област.

Посочивте дека во трудот е содржана богата меѓународна судска пракса. Колку оваа содржина е корисна за правните професионалци – адвокати, судии, обвинители, правобранители, за дипломираните правници вработени во фирмите, во администрацијата и сл.?

Ние сме поборници дека во секоја сериозна публикација од областа на правото, независно дали се работи за учебник, коментар на закон, научен и/или стручен труд, мора да има инкорпорирано судска пракса и пракса на надлежните органи од областа. На таков начин ги потврдувате вашите ставови и мислења или ги опонирате. Тоа е многу корисно за правните професионалци – знаат што може да очекуваат за ист или сличен случај и соодветно да ги советуваат своите клиенти. Судиите, кои генерално имаат многу мали познавања од оваа област, ќе може да најдат како теоретски објаснувања така и практични потврди на одредени законски решенија изразени преку судски одлуки. Што се однесува до правниците во фирмите, тие ќе знаат како да ги советуваат комерцијалните оддели преку потврда на нивните ставови.

Трудот е мошне корисен и за бизнис-заедницата. Што е она што треба да го знаат компаниите и деловните субјекти за прашањето на конкуренцијата?

Се согласувам со вас дека Коментарот е многу корисен за бизнис-заедницата, и тоа како за извршните директори така и за комерцијалните и за оние кои ја водат деловната политика. Може да прочитаат различни толкувања на одредбите на законот и уредбите, поткрепени со бројни примери на дозволена и недозволена пракса, која може и многу сериозно да ја наруши конкуренцијата. Се работи за тешка материја, која малку се изучува на нашите факултети, а уште помалку практично се објаснува. Знаете, казните се многу високи (до 10% од прометот на субјектот во претходната година), а како што вели староримската максима незнаењето не оправдува никого.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *