Нов закон за финансиски лизинг

Собранието на Република Северна Македонија го донесе новиот Закон за финансиски лизинг, објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 148/2026 од 06.07. 2026 година.

Со новиот Закон за финансиски лизинг во целост се заменува досегашниот Закон за лизинг („Службен весник на Република Македонија“ број 4/2002, 49/2003, 13/2006, 88/2008, 35/11, 51/11,148/13, 145/15, 23/16 и 37/16 и „Службен весник на РепубликаСеверна Македонија” број 173/22).

Согласно член 51 на новиот закон, овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а согласно член 50 на истиот закон, со денот на влегувањето во сила  на овој закон,  престанува да важи Законот за лизинг.

Со донесувањето на новиот Закон за финансиски лизинг направени се суштински измени во сферата на лизингот во Република Северна Македонија насочени кон постигнување на поголема транспарентност, финансиска стабилност на давателите на лизинг, зајакнување на заштитата на корисниците и воведување на построги стандарди за давателите на лизинг со цел усогласување на  досегашната правна регулатива со европските стандарди.

Една од клучните измени кои ги воведува новиот Закон за финансиски лизинг е измента на одредбата за минимален износ на основна главнина на давателите на лизинг кои се основаат како друштва со ограничена одговорност или акционерски друштва. Согласно член 4 на новиот закон „давателот на финансиски лизинг се основа со основна главнина од најмалку 30.000.000 денари, кои мора да бидат во паричен облик и да бидат уплатени во целост и не смеат да потекнуваат од заеми и/или кредити.“ Претходно, во Законот за лизинг беше предвидено дека давателот на финансиски лизинг се основа со основна главнина од најмалку 6.000.000 денари. Со оваа измена се предвидуваат построги критериуми за давателите на лизинг под кои можат да се основаат и да вршат дејност финанисиски и оперативен лизинг.

Во членот 4, став 5 на новиот закон е предвидено дека давателот на финансиски лизинг не смее да врши други активности освен финансиски и оперативен лизинг и активности и услуги поврзани со лизингот вклучувајќи и промет со вратените и одземените предмети на лизинг.

Новиот Закон за финансиски лизинг предвидува измени и на постапката за давање на дозвола за основање и работа на давателот на лизинг, при што во членот 5 за првпат се утврдува обврска за давателите на лизинг, кои имаат намера да се основаат, односно да поднесат барање до Министерството за финансии за добивање на дозвола за основање и работа, да достават и доказ за уплатен надоместок од 600.000,00 денари.

Воедно, во членот 5, став 6 се воведува нова одредба во која е пропишано дека основач на давател на финансиски лизинг од ставовите 3, 4 и 5 на овој член не може да биде лице кое не поседува репутација. Под репутација се подразбира чесност, компетентност, работливост и личен интегритет, кои даваат сигурност дека лицето нема да влијае во насока на загрозување на стабилноста и сигурноста на давателот на финансиски лизинг и нарушување на неговиот углед и доверба.

Со измените кои ги воведува новиот Закон за финансиски лизинг се предвидуваат посебни услови и за членовите на органот на управување, при што во членот 6, став 1 јасно е утврдено дека член на орган на управување на давателот на финансиски лизинг може да биде лице кое не е член на орган на управување во било кое друго трговско друштво во Република Северна Македонија.

Со новиот Закон за финансисиски лизинг се предвидени измени и во однос на елементите кои задолжително треба да ги содржи договорот за финансиски лизинг, а кои се пропишани во членот 16 на овој закон. Дополнително, со новиот закон е предвидено договорот за лизинг да може да се склучи во писмена или електронска форма, вклучително и.сите прилози, измени и дополнувања на договорот.

Новиот Закон за финансиски лизинг за првпат дава јасна дефиниција на поимот оперативен лизинг, а во членот 21 е предвидено и правото на предвремена отплата на корисникот на финансиски лизинг кој сега има право во кое било време да го плати, целосно или делумно, неисплатениот дел од обврските согласно со амортизациониот план, без дополнителни трошоци. Во тој случај, корисникот има право на намалување на вкупните трошоци утврдени во амортизациониот план за преостанатиот дел на траење на договорот за финансиски лизинг.

Воедно, корисниците на лизинг дополнително се заштитени со одредбата од член 24, став 1 на новиот закон во која е предвидено дека давателот на финансиски лизинг не може да го користи предметот на финансиски лизинг како залог без претходна писмена согласност од корисникот дадена пред нотар, во посебен документ – изјава, одвоен од договорот за финансиски лизинг и општите услови, со јасно наведување на правните последици од таквата согласност.

Со новиот Закон за финансисиски лизинг се предвидени построги казни за давателите на финансиски лизинг за непочитување на одредбите на законот, кои можат да изнесуваат до 20.000 евра, а за прекршок од член 38 на овој закон дури и до 50.000 евра. Воедно, новиот Закон за финансисиски лизинг предвидува на давателите на финансиски лизинг кои во роковите од ставот 1 на член 46 нема да се усогласат со одредбите од овој закон, Министерството за финансии во рок од 30  дена од денот на истекот на роковите од ставот 1 на овој член, со решение им ја одзема дозволата за основање и работа. Оттука, за да не дојде до вакви последици давателите на финансиски лизинг имаат обврска, во роковите од член 46 на овој закон, своето работење да го прилагодат со одредбите на новиот закон.

Leave a Reply