Нов пристап во контролата на медиумските спојувања и преземања – примерот на Австрија

Во насока на усогласување со Европскиот акт за слобода на медиумите, Австрија презема конкретни чекори преку донесување на соодветни закони на национално ниво, како би се обезбедила поголема контрола при спојувањата и преземањата што опфаќаат деловни субјекти од медиумската сфера.

Со измените во австриското законодавство, се очекува да се постигнат неколку клучни цели, а особено проширување на опсегот на трансакции што подлежат на контрола и одобрување, земање предвид не само на влијанието на трансакцијата врз конкуренцијата, туку и на нејзиното влијание врз медиумскиот плурализам, слободата и независноста на медиумите, како и зголемена улога на австрискиот државен регулатор за медиуми во постапките за спојување и преземање.

Во однос на опсегот на трансaкации, за разлика од постојната регулатива, според која за една трансакција да се смета дека потпаѓа во областа на медиумите, неопходно било најмалку две страни да остваруваат дејност во таа област, со новото решение се предвидува т.н. „еднострано медиумско спојување“. Во суштина, тоа значи дека трансакцијата ќе подлежи на посебна медиумска оценка во рамки на постапката за контрола на концентрации и во ситуација кога само едниот учесник е субјект што остварува дејност во областа на медиумите. На ваков начин значително се проширува опсегот на трансакции што подлежат на контрола, опфаќајќи и зделки кои што се склучуваат од субјекти што воопшто и немаат директна поврзаност со медиумскиот сектор.

Дополнително, засилените контроли се согледуваат и преку фактот што оценката на спојувањата и преземањата нема да се заснова исклучиво на влијанието на зделката врз состојбата со конкуренцијата. Напротив, при оценката на зделката ќе треба да се земе предвид и нејзиното влијание врз медиумскиот плурализам, слободата и независноста на медиумите.

Конечно, ваквите измени ќе доведат и до зголемена улога на австрискиот државен медиумски регулатор, KommAustria во постапките за спојување и преземање на деловни субјекти во областа на медиумите. Во таква ситуација, во предметите што се однесуваат на спојување и преземање на субјекти од областа на медиумите покрај надлежното тело од областа на конкуренцијата, ќе учествува и KommAustria, од кое ќе се бара стручно мислење за тоа дали конкретната трансакција може да влијае врз медиумскиот плурализам и уредувачката независност.

Новите правила, иако од една страна ќе обезбедат засилена контрола и построги критериуми за одобрување на зделките, не само од аспект на конкуренцијата, туку и од аспект на слободата на медиумите, од друга страна би можеле да доведат до забавување на процесот, како резултат на поголемиот опсег на зделки што подлежат на контрола, построгите критериуми за оцена и поголемата вклученост на повеќе органи.