Со носењето на Законот за изменување и дополнување на Законот за концесии и јавно приватно партнерство се донесени законски измени со кои значително се дополнува и менува содржината на сегашниот Закон за концесии и јавно приватно партнерство. Измените и дополнувањата се објавени во „Службен весник на Република Северна Македонија’’ бр.96/2026 од 06.05.2026.
Со донесувањето на измените, се предвидува постоење на институционално јавно приватно партнерство. Согласно законските одредби ,,Институционално јавно приватно партнерство’’ претставува вид соработка помеѓу јавен и приватен партнер. Тие заеднички основаат трговско друштво, кое е носител на спроведување на договор за воспоставување на јавно и приватно партнерство. Како „Приватен иницијатор“ се смета секое правно или физичко лице или конзорциум кое поднесува самоиницијативен предлог за воспоставување на јавно приватно партнерство.
Кога се формира институално јавно партнерство во тендерската документација однапред се утврдуваат формата на правното лице, висината на капиталот, соодносот на обврските на најповолниот понудувач и јавниот партнер во врска со неговото основање, како и другите односи кои произлегуваат од основањето на правното лице согласно со Законот за трговските друштва.
Со законските одредби исто така е превидено дека во тендерската документација се подготвува нацрт-договор во кој детално се уредуваат соодветните права и обврски меѓу партнерите и начинот на нивното учество во друштвото за посебна намена, а особено, нивото на јавно учество во содружничкиот капитал на друштвото за проектот и очекуваниот износ на јавно финансирање односно друг вид на јавна поддршка.
Покрај наведените законски измени, со овој закон се превидува дека подготвителните работи за доделување на договор за воспоставувањe на јавно приватно партнерство можат да се спроведат и врз основа на самоиницијативен предлог поднесен од приватен иницијатор согласно со законот.
Постапката за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство по основ на самоиницијативен предлог се спроведува во согласност со одредбите од законот.
Законодавецот предвидел дека во огласот за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство и во тендерската документација, задолжително се наведува дека постапката се спроведува врз основа на самоиницијативен предлог.
Со донесените законски измени се проширува правната рамка и се создава можност за зголемување на бројот на постапките за јавно приватни партнерства во Република Северна Македонија.

