Европска комисија согласно анализата на Извештајот за проценка на ризик испратен од онлајн платформата за е-продажба „АлиЕкспрес“(AliExpress) одлучи да поведе формална постапка со цел да утврди дали онлајн платформата за е-продажба „АлиЕкспрес“ го прекршила Законот за дигитални услуги на ЕУ (Digital Services Act) во делот на управувањето и ублажувањето на ризиците, карактерот на објавените содржини, внатрешниот механизам за жалби, транспарентноста на рекламирањето и пристапот до податоци.
Постапката против „АлиЕкспрес“ е поведена врз основа на претходно спроведената прелиминарна истрага за сомнежите за прекршување на Законот за дигитални услуги на ЕУ, анализата на извештајот за процената на ризикот од август 2023 година, како и одговорите на компанијата на нејзините барања за информации од 6 ноември 2023 година и 18 јануари 2024 година.
Согласно информациите на Комисијата постапката ќе се фокусира на проверка на усогласеноста со обврските предвидени во Законот за дигитални услуги поврзани со системските ризици од ширење на илегална содржина, како и реалните или предвидливите негативни ефекти во заштитата на потрошувачите од одредени производи кои претставуваат ризик по здравјето, пристап до порнографски материјали за малолетници и незаконски содржини или од намерна манипулација.
Исто така ќе се истражува и усогласеноста со можноста на корисниците да известуваат за нелегални содржини и пристапот до јавно достапните податоци, обезбедувањето ефикасен внатрешен систем за постапување по жалби и транспарентност и оценувањето на веродостојноста и комплетноста на информациите за трговците кои го користат „АлиЕкспрес“.
Законот за дигитални услуги на Европската Унија се применува на сите онлајн платформи во рамки на Унијата. Со оглед на фактот што „АлиЕкспрес“ има 104,3 милиони месечни активни корисници во рамки на Европската Унија, со тоа се вбрoјува меѓу големите онлајн платформи кои платформи е потребно да се придржуваат кон низата обврски пропишани со овој Закон.
Доколку се докажат овие сомнежи поради кои е и поведена оваа постапка, тоа би значело дека „АлиЕкпрес“ прекршува десетина членови на Законот за дигитални услуги на Европската Унија.
Со формалното отворање на оваа постапката, Комисијата ќе продолжи да прибира докази, воедно ќе може да преземе и дополнителни чекори, како што се изрекување на привремени мерки за отстранување на неусогласеноста.
Со Законот за дигитални услуги не се предвидува законски рок во кој е потребно да се заврши покренатата постапка. Нејзиното времетраење ќе зависи од сложеноста на случајот, степенот на соработка од страна на „АлиЕкспрес“, како и од можноста компанијата да го користи правото на одбрана.