Забрана за нефер трговски пракси во практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи

Во Службен Весник на Република Северна Македонија бр. 60 од 20.03.2024 година е објавен Законот за нефер трговски пракси во практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи. Овој закон се усогласува со Директивата (ЕУ) 2019/633 на Eвропскиот парламент и на Советот од 17 април 2019 година за нефер трговски практики во односите меѓу претпријатијата во синџирот на снабдување со земјоделство и храна.

Целта на Законот е уредување на правилата и мерките за спречување на наметнување нефер трговски практики кои отстапуваат од доброто трговско однесување, се утврдуваат нефер трговските практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи со чие наметнување се искористува значителната преговарачка моќ на купувачот во однос на неговите добавувачи, постапките за утврдување нефер трговски практики, како и соработката меѓу надлежните органи за спроведување на надзорот над примената на нефер трговските практики. Значајно е да се напомене дека Законот се применува на продажба на земјоделски и прехрамбени производи каде што добавувачот и купувачот се основани во РСМ, земји членки на ЕУ или во трети земји, на услуги кои купувачот ги дава на добавувачот, како и на договори за снабдување со земјоделски и прехрамбени производи, но не се применува на потрошувачите

Законот во членот 4 содржи дефиници на позначајните поими од кои би ги издвоиле дефинициите на:

  • „Земјоделски и прехранбени производи“ се физички резултат од земјоделското производство, како и од индустриските операции за преработка на производи. Во земјоделски производи и прехранбени производи, во смисла на овој закон, спаѓаат производите од Анекс I од Договорот за функционирање на Европската Унија, како и производите кои не се во Анексот I, но се добиени со преработка на производите од Анексот I од Договорот за функционирање на Европската Унија;
  • „Купувач“ е секое физичко или правно лице или јавен орган кој купува земјоделски и прехранбени производи, односно група на овие физички и правни лица;
  • „Добавувач“ е земјоделски производител или кое било физичко и правно лице, кое врши продажба на земјоделски и прехранбени производи, односно група земјоделски производители или група физички и правни лица како што се организации на производители, организации на добавувачи и здруженија на тие организации;
  • „Нефер трговски практики“ се договорни одредби и деловни практики кои еднострано се наметнуваат од купувачот кон добавувачот во врска со продажбата на земјоделски и прехранбени производи, користејќи ја неговата значителна преговарачка моќ во однос на добавувачот, спротивно на членовите 7 и 8 од овој закон

Во членот 7 Законот ја дефинира формата и содржината, како и основните задолжителни одредби и услови кои треба да ги има договорот за снабдување на земјоделски и прехранбени производи и забрана на нефер трговска практика.

Законот ја дефинира значителната преговарачка моќ согласно објективни критериуми врзани со вкупниот годишен приход во членот 6.

Членот 8 од Законот ги енумерира нефер трговските практики кои се забранети со овој Закон, без оглед на преговарачката моќ на купувачот и тоа:

  1. ги откажува нарачките на расипливи земјоделски и прехранбени производи во рок пократок од 30 дена од денот на нарачката, така што добавувачот не може разумно да очекува да најде алтернативен начин да ги пласира или да ги искористи тие производи;
  2. еднострано ги менува условите на договорот за снабдување на земјоделски и прехранбени производи кои се вообичаени во однос на начинот, местото, времето или обемот на набавка или испорака на земјоделските и прехранбените производи, стандардите за квалитет, условите за плаќање или цените за давање услуги;
  3. бара плаќања од добавувачот кои не се поврзани со продажбата на земјоделски и прехранбени производи на добавувачот;
  4. бара плаќања од добавувачот за настаната штета и/или загуба на земјоделските и прехранбените производи кои се сместени во просториите на купувачот или откако сопственоста е пренесена на купувачот, а таквата штета или загуба не е предизвикана од небрежност или вина на добавувачот, освен ако производот е со скриена мана;
  5. одбива писмено да ги потврди условите во договорот за снабдување за кој добавувачот побарал писмено да потврди, освен ако договорот за снабдување со земјоделски и прехранбени производи опфаќа производи кои ги доставува член на организација на производители и задруга, до организацијата на производители чиј член е добавувачот, доколку одредбите во нивните статути имаат слични ефекти на условите на договорот за снабдување со земјоделски и прехранбени производи;
  6. незаконски ги стекнува, користи или открива деловните тајни на добавувачот;
  7. се заканува на добавувачот дека ќе изврши дејства на комерцијална одмазда доколку добавувачот ги искористи своите договорни и законски права, вклучително и поднесување барање до Комисијата за заштита на конкуренцијата за поведување постапка или претставка или ќе соработува со Комисијата за заштита на конкуренцијата за време на постапката
  8. бара надоместок од добавувачот за трошоците за спроведени истраги по поднесени жалби на потрошувачи во врска со продажбата на производите на добавувачот, и покрај тоа што добавувачот нема вина или грешка;
  9. бара надоместок од добавувачот за внесување нов земјоделски и прехранбен производ во продажната мрежа и за проширување на продажната мрежа на купувачот, уредување нови и преуредување на постојните продажни места на купувачот, проширување на капацитетот за складирање кај купувачот и проширување на дистрибутивната мрежа на купувачот;
  10.  бара од добавувачот да се договорат за фиктивни услуги кои нема да се извршат, за кои нема причина освен одложување на рокот што веќе доспеал за плаќање;
  11. бара надоместок од добавувачот за склучување договор за снабдување со земјоделски и прехранбени производи;
  12. го условува добавувачот да склучат договори и деловна соработка за компензација на земјоделски и прехранбени производи и услуги;
  13. бара од добавувачот да не продаваат земјоделски и прехранбени производи на други купувачи по пониски цени од оние кои се договорени да ги плати купувачот, а добавувачот не смее да бара од купувачот да купува производи кои не ги бара;
  14. бара надоместок од добавувачот за намален приход на купувачот заради намалена продажба или маржа на одреден земјоделски или прехранбен производ;
  15. бара надоместок од добавувачот за испорака на земјоделски и прехранбени производи до местото на испорака или надвор од договореното место на испорака, освен во случаи кога купувачот врши сопствена дистрибуција со сопствени средства и ресурси наместо добавувачот;
  16. бара надоместок од добавувачот за истражување на пазарот во однос на понудата и побарувачката на одредени земјоделски и прехранбени производи;
  17. еднострано ги брише производите од списокот на договорени производи кои добавувачот ги испорачува на купувачот или значително ги намалува нарачките на поединечни земјоделски и прехранбени производи, без претходно писмено да го извести добавувачот во период пократок од 30 дена;
  18. наплаќа трошоци од добавувачот за дополнителни анализи на квалитетот на земјоделски и прехранбени производи, освен ако со дополнителните анализи се утврди дека производот на добавувачот не го исполнува договорениот квалитет, во кој случај трошоците за дополнителните анализи не смеат да бидат повисоки од трошоците кои купувачот ги имал;
  19. бара надоместок од добавувачот за услуги што не се дадени;
  20. ги враќа на добавувачот непродадените земјоделски и прехранбени производи кои се испорачани без да ги плати или без да плати за отстранување на тие производи;
  21. бара надоместок од добавувачот за складирање, прикажување или ставање земјоделски и прехранбени производи на полици на продажното место на купувачот;
  22. бара од добавувачот во целост или делумно да ги сноси трошоците за попусти на земјоделски и прехранбени производи кои се продаваат како дел од промоција;
  23. бара добавувачот да плати за рекламирањето земјоделски и прехранбени производи кои тој ги рекламира;
  24. бара добавувачот да плати за маркетинг на земјоделски и прехранбени производи кои тој ги спроведува;
  25. бара надоместок од добавувачот за персоналот за опремување на простории во кои се врши продажба на земјоделски и прехранбени производи на добавувачот и
  26. бара други надоместоци и плаќања кои ги наметнува на добавувачот при склучување на договорите за снабдување со земјоделски и прехранбени производи.

Законот предвидува надлежност на Комисијата за заштита на конкуренцијата за спроведување и мониторинг на прекршувањата на овој закон и ја предвидува истата прекршочна постапка како и Законот за заштита на конкуренцијата и негова супсидиерна примена.