Породилно отсуство

Согласно Законот за работните односи, работничка за време на бременост, раѓање и родителство има право на платено отсуство од работа во траење од девет месеца непрекинато, а доколку роди повеќе деца одеднаш (близнаци, тројка и повеќе) има право на отсуство од  15 месеци. Работничката може да го започне отсуството за бременост, раѓање и родителство 45 дена пред раѓањето, а задолжително 28 дена пред раѓање. Доколку работничката се породи порано од рокот утврден со законот, отсуството за бременост и раѓање започнува да го користи од денот на раѓање на детето до истекот предвиден со закон.

Вкупниот период на породилно отсуство без разлика дали е 9 месеци или 15 месеци поради раѓање на повеќе деца одеднаш, е составен од еден задолжителен дел што работникот мора да го користи согласно законот и еден дел што може да биде искористен изборно по желба на работникот. Задолжителниот дел од отсуството поради бременост, раѓање и родителство го опфаќа периодот од 28 дена пред раѓањето до 45 дена по раѓањето. Незадолжителниот дел или опциониот дел од породилното отсуство  овозможува  на работниците да изберат колку  сакаат да им трае отсуството од работа, односно работничката може да избере кога во рамките на периодот од 45 до 28 дена пред породувањето ќе започне да го користи породилното отсуство и кога, по истекот на законски утврдениот дел од отсуството односно по 45-от ден по раѓањето ќе го прекине платеното отсуство од работа и ќе се врати на работа.

Согласно законот, работникот е должен на работодавачот да му го најави времето на започнувањето на користењето и времето на завршување на родителското отсуство 30 дена пред започнувањетo.

Законот ги изедначува правата на работничка која родила дете со права на работничка која посвојува дете. Согласно Законот за работни односи, работничка која посвојува дете има право на отсуство до наполнување на деветмесечна возраст на детето, а доколку посвоила повеќе деца (две или повеќе) има право на отсуство од 15 месеци.

Во нашето законодавство не се предвидени посебни одредби со кои се регулираат правата на жените претприемачки или менаџерки во случај на породилно отсуство, доколку истите не бидат посебно регулирано во менаџерскиот договор помеѓу работодавецот и менаџерот. Жените претприемачки, односно жените назначени на определени функции во рамките на друштвото, ги имаат истите права од породилното отсуство како и останатите работнички кај работодавачот. Начинот на уредување или мирување на правата, обврските и одговорностите во случај на породилно отсуство, а кои што произлегуваат од функцијата на која се назначени жените претпиемачки или менаџери, се уредуваат со внатрешните акти на работодавачот.