ОДЛУКА НА УСТАВЕН СУД – Законот за облигациони односи и Законот за извршување остануваат на сила

На седница одржана на ден 10.01.2024 година, Уставниот суд одлучи да не ги прифати иницијативите да се поништат измените на Законот за облигационите односи и на Законот за извршувањето кои беа објавени во Службен весник на Република Северна Македонија бр. 154 од 20 јули 2023 година и стапија во сила со денот на објавувањето во Службен весник.

Според Уставниот суд, постапката за законските измени на Законот за облигациони односи и Законот за извршување не е поведена од причина што Судот смета дека двата закона се во согласност со Уставот, што значи дека не се прифатени наводите на 15 подносители на иницијативи кои за овој предмет беа поднесени до Уставниот суд.

Наведеното значи дека остануваат во правниот промет сите членови од измените на Законот за облигационите односи, како што е членот 1 со кој беше дополнет членот 266-а со нов став 8 со кој се предвидува: „ Кога износот на достасаната, а казнена камата ќе го достигне износот на главнината, каматата престанува да тече.“, а кое законско решение е преточено и во Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување каде е предвидено дека во членот 18 став, точка (1)  се додаваат зборовите: „односно до моментот кога неисплатената камата ќе го достигне износот од главниот долг.“

Според Уставниот суд, неприфатливо е тврдењето во иницијативите дека се повредува правото на сопственост на доверителите со тоа што законодавецот, односно Собранието, предвидело да се ограничи висината на казнената камата кога ќе го достигне износот на главниот долг.

Според Уставниот суд, неприфатливо е тврдењето во иницијативите дека должникот е доведен во попривилегирана положба во однос на доверителот, бидејќи членот 1 не дефинира за кого се однесува, туку напротив јасно и прецизно произлегува дека се однесува на сите субјекти на пазарот подеднакво.

Понатаму, според Уставниот суд, во согласност со Уставот е  и членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи со кој се предвидува и измена на членот 368 од Законот за облигационите односи во поглед на застареноста на побарувањата, а кој изменет член  гласи:

„(1) Сите побарувања што се утврдени со правосилна судска одлука или со одлука на друг надлежен орган или со порамнување пред суд или пред друг надлежен орган, застаруваат за пет години, од моментот на нивната извршност, како и побарувањата за кои во согласност со законот се предвидува пократок рок за застареност.

(2) Сите повремени побарувања, коишто произлегуваат од одлуки или порамнувања предвидени во ставот (1) на овој член и достасуваат во иднина, застаруваат во рокот предвиден за застареност на повремените побарувања.

(3) Застареноста на правосилна судска одлука или со одлука на друг надлежен орган, или со порамнување пред суд или пред друг надлежен орган прекинува со поднесување барање за извршување пред надлежен извршител, при што почнува да тече одново застареноста, која во извршната постапка трае десет години од моментот на поднесеното барање за извршување.“

Во однос на членот 4 од донесениот Закон за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи кој предизвика најголема контраверзност и контрадикторност а со кој е предвидено дека „Започнатите постапки за наплата на побарувања предвидени во членот 2 од овој закон ќе завршат во согласност со овој закон, судот смета дека овој член нема повратно дејство, односно ретроактивност бидејќи се однесува на постапки кои се уште траат, не се завршени, а не и на оние постапки кои пред влегувањето во сила  на законот завршиле. 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *