При склучување на Договор за вработување, во согласност со член 60 од Законот за работните односи, утврдена е можност при засновање на работен однос, работодавачот и работникот да договорат период на пробна работа.
Во тој случај, во Договорот за вработување покрај сите права и обврски од работен однос се утврдува висината на платата и времетраењето на пробната работа. Периодот на пробна работа не може да биде подолг од четири месеца или за вршење на сезонска работа не може да биде подолг од три работни дена. Пробната работа може да се продолжи само во случај на оправдано отсуство од работа (болест и слично). Времетраењето на пробната работа покрај со Законот за рботните односи е регулирано и со колективните договори во кои траењето на пробната работа е утврдено според видот и степен на сложеност на конкретно работно место.
Иако Законот за работните односи изречно не утврдува, пробната работа може да се договори како при склучување на Договор за вработување на неопределено време, така и при склучување на Договор за вработување на определено време. Но, она што го бележиме во пракса, е дека пробната работа, најчесто се применува при склучување на Договор за вработување на неопределено време.
Целта на пробната работа е проверка на способностите и вештините на работникот како би се утврдило дали работникот одговара на барањата за работното место за кое е склучен договорот за вработување. Пробната работа од една страна е во интерес на работодавачот со цел да утврди дали работникот успешно ќе одговори на барањата и работните обврски на работното место, а од друга страна е и во интерес на работникот да се запознае со условите за работа и барањата кои произлегуваат од видот и каракатерот на работата која ќе ја врши, што ќе му овозможи на работникот да процени дали му одговара работното место за кое го склучил договорот за вработување.
Она што изречно не е утврдено со Законот за работните односи е прашањето дали пробна работа може работодавачот да договори со работникот само еднаш, односно при засновање на работниот однос, или можно е да се договори пробна работа повеќе пати. Одговорот на ова прашање е неопходно да се побара во толкувањето на одредбите на Законот за работните односи како и судската пракса.
Од толкувањето на одредбите на Законот за работните односи произлегува дека пробна работа не мора да се договори само при прво засновање на работниот однос кај ист работодавач, туку пробна работа работодавачот може да договори со работникот и кога се склучува нов Договор за вработување за извршување на работни обврски за работно место на кое работникот претходно не работел, а се со цел проверка на работните способности на работникот кое новото работно место ги бара. Наведеното од причина што, при промена на работното место кај ист работодавач, потребно е да се склучи нов Договор за вработување со кој ќе се утврдат правата и обврските кои произлегуваат од новото работно место за кое работникот ќе склучи нов Договор за вработување.
Во овој контекст, останува дискутабилно дали работникот би прифатил нов Договор за вработување за ново работно место со вклучен период на пробна работа, во ситуација кога работникот веќе има склучено Договор за вработување на неопределено време за веќе постоечкото работно место (за кое пробна работа не била договорена или периодот на пробна работа веќе изминал).
Карактеристично за Договорот за вработување со договорена пробна работа е тоа што Законот за работните односи предвидува можност работодавачот да може да го откаже Договорот за вработување во случај работникот неуспешно да ја заврши пробната работа и тоа претставува основана причина за отказ на Договорот за вработување. Секако, во овој случај за времетраењето на пробната работа и работникот може да го откаже договорот за вработување со отказен рок од три работни дена.